logo
logo
logo

Клиничката болница во Тетово ќе се проширува и опремува

НОВ ЛИК ЗА КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО - Инвестиција од 74 милиони евра

Vecer | 29.07.2026

НОВ ЛИК ЗА КЛИНИЧКАТА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО - Инвестиција од 74 милиони евра

Инвестиција од околу 74 милиони евра е предвидена за целосна модернизација на Клиничката болница во Тетово, која опфаќа темелна реконструкција, проширување на капацитетите и набавка на нова медицинска опрема. 

Концептот за проектот денеска беше презентиран на средба во болницата, на која присуствуваа министерот за здравство д-р Сашо Клековски, заменик-министерот Јовица Андовски, директорот на Фондот за здравствено осигурување Златко Перински, градоначалникот на Тетово Билал Касами, директорот на Клиничката болница Тетово д-р Ерзен Елези, како и претставници на Светска банка и Министерството за здравство.

Проценетата вредност на проектот изнесува 4,56 милијарди денари, а конечниот финансиски модел ќе биде утврден по изработката на потребните анализи и проектна документација.

Проектот предвидува реконструкција и модернизација на хируршкиот и интернистичкиот блок, изградба на нов павилјон за повеќе медицински дејности, посебен објект за гинекологија, акушерство и неонатологија, набавка на современа медицинска опрема и ИТ-системи, како и отстранување на дотраените објекти и целосно уредување на болничкиот комплекс.

„Ова е инвестиција во достоинството и сигурноста на пациентите и во подобри услови за здравствените работници. Нашата цел е граѓаните од Тетово и полошкиот регион да добиваат современа и навремена здравствена услуга блиску до местото на живеење“, истакна министерот Сашо Клековски.

Според Министерството за здравство, инвестицијата е од особено значење за околу 251.500 жители од полошкиот регион, бидејќи треба да обезбеди повеќе здравствени услуги на локално ниво, пократко време на чекање и намалување на потребата пациентите да се упатуваат на лекување во Скопје.

Во рамки на посетата, со претставниците на Светска банка биле разгледани и следните чекори за реализација на проектот, меѓу кои подготовка на физибилити студија, изработка на техничка документација, анализа на трошоците и придобивките и дефинирање на одржлив модел на финансирање.

Од Министерството посочуваат дека проектот ќе се реализира во координација со Фондот за здравствено осигурување, Општина Тетово и раководството на Клиничката болница, со цел да се обезбеди транспарентна и ефикасна подготовка во сите фази на инвестицијата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk