Проблемот со камионскиот транспорт во Шенген-зоната се решава преку билатерални договори, порача министерот за транспорт Александар Николоски. Тој нагласи дека Македонија активно работи на олеснување на условите за македонските превозници, додека во однос на најавените протести упати порака дека не треба да се дозволи колективизација и создавање дополнителни поделби.
Нека си го решаваат тие тоа прашање како што мислат дека треба. Ние имаме индивидуален пристап, онака како што ние мислиме дека е најдобро. Ние сме суверена земја. Знаете дека имаа долго време обид целиот регион да биде претставен како едно, како Западен Балкан. Јас со тоа не се сложувам. Не смееме да паднеме во замката на колективизација. За некоја недела славиме 35 години независност и враќање назад би била најлошата работа што може да ни се случи – рече Николоски.
Тој посочи дека Македонија бидејќи не е дел од Шенген-зоната, единствено што може да направи е да склучува билатерални договори.
– Ако не еднаш неделно, на две недели имаме средба со презвозниците и тие ја имаат целосната поддршка од владата. Со оглед на тоа што не сме членка на Шенген- зоната, она што можеме како Влада да го направиме е да склучуваме билатерални договори со земјите коишто се дел од Шенген-зоната. Такви договори веќе има со Хрватска, Швајцарија и Романија. Интензивно работиме со Австрија, Германија, Унгарија и на тој начин ќе бидат покриени земјите каде што најмногу извезуваме или транзитираме. Очекувам во октомври да почнат преговорите со Словенија и така да ја покриеме целата рута. Тоа е нашата поддршка, за сè друго ЕУ треба да најде решение – рече Николоски.
Македонските превозници најавија дека се можни протести блокади на патишта ако на состанокот во Брисел кој е закажан за првиот ден од септември нема конкретно решение.
Според превозниците, најголем проблем во моментов е неизвесноста на граничните премини. Тие тврдат дека различното толкување на правилото 90/180 од страна на службениците создава дополнителен ризик за професионалните возачи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата