logo
logo
logo

„НЕ СМЕ ИСТИ“ – МИЦКОСКИ ЗА 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ: Македонија достоинствено прослави, опозицијата очајува

Vecer | 13.09.2026

„НЕ СМЕ ИСТИ“ – МИЦКОСКИ ЗА 35 ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ: Македонија достоинствено прослави, опозицијата очајува

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека Македонија достоинствено ја одбележала 35-годишнината од независноста, посочувајќи ја големата посетеност на организираните настани и бројот на задоволни граѓани како доказ дека прославата била успешна. Одговарајќи на критиките од опозицијата, Мицкоски порача дека „не сме исти“, обвинувајќи ги поранешните влади на СДСМ и ДУИ дека резервите и добивката од Државната лотарија преку сомнителни набавки завршувале во приватни џебови, за што, како што рече, има и судски процеси.

Премиерот Христијан Мицкоски одговара на новинарски прашања за време на денешната посета на Велес

Одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на Велес, премиерот упати критики до опозицијата, наведувајќи дека тие се единствените кои, според него, не се задоволни од начинот на кој годинава бил прославен Денот на независноста. Критиките за потрошените 5,5 милиони евра од Државна лотарија за прославата, тој ги оцени како естрада што ја прави опозицијата.

„Ја следам оваа естрада што ја прави опозицијата. Мислам дека се единствени коишто во овој период не се задоволни затоа што прославата на 35-годишнината којашто траеше повеќе од еден месец помина навистина прекрасно. Имаше многу среќни, многу задоволни граѓани“, рече Мицкоски.

Според проценките што ги наведе тој, повеќе од 200 000 граѓани биле опфатени со сите настани што годинава беа организирани во повеќе градови по повод прославата на 35 години независна држава.

Говорејќи во тој контекст, Мицкоски се осврна и на настапот на светски познатиот диџеј и продуцент Дејвид Гета, посочувајќи дека видеото што музичката ѕвезда го објави вчера на социјалните мрежи, за 14 часа собрало повеќе од еден милион прегледи. Тоа, како што рече премиерот, само по себе говори колку и на изведувачот му значело тоа што настапува во Македонија и за енергијата што ја добил од публиката за време на музичкиот настан.

Надоврзувајќи се во одговорот, Мицкоски упати остри критики кон опозицијата, обвинувајќи ја дека додека била на власт парите од, како што рече, резервите на Државна лотарија на сомнителен начин оделе во џебови на поединци, додека актуелната Влада ги враќа назад кај народот, во културата и кај уметниците. Во тој контекст рече оти се согласува со опозицијата дека тогашната власт на СДСМ и ДУИ и актуелната предводена од ВМРО-ДПМНЕ не се исти.

„Она коешто можам да го кажам е дека оние кои што очајуваат, на времето ги трошеа парите кај Перпарим и останатите. Има разлика, не сме исти, тоа се согласувам со опозицијата. Владата на СДСМ и ДУИ тоа што беа резерви и добивка од Државна лотарја, најчесто преку сомнителни набавки ги враќаше во приватни џебови на неколумина високи функционери за што има и судски процеси“, кажа Мицкоски.

Премиерот најави дека Владата и во следните години ќе продолжи со организирање слични настани, а нејзината поддршка ќе ја имаат, како што рече, и други спортски и културни иницијативи.

Тој рече дека Државна лотарија треба да има улога на општествено одговорна компанија, а тоа, додаде, е регулирано и со новиот Закон за игри на среќа.

„Така што, да се подготвиме за уште многу убави моменти, многу среќни и задоволни луѓе, и она што е најважно напредна и просперитетна Македонија“, подвлече Мицкоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk