„НЕ МУ ЗНАЧИ ШТО ЖИВИ ГОРЕА 14 ЛУЃЕ“: Мицкоски жестоко за затворањето на предметот за модуларната болница

Vecer | 21.08.2026

„НЕ МУ ЗНАЧИ ШТО ЖИВИ ГОРЕА 14 ЛУЃЕ“: Мицкоски жестоко за затворањето на предметот за модуларната болница
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Премиерот Христијан Мицкоски остро реагираше на одлуката на Обвинителството за затворање на предметот поврзан со модуларните болници, при што се осврна и на трагедијата во Тетово во која животот го загубија 14 лица. Мицкоски посочи дека постапката трае веќе пет години, период во кој, како што рече, во јавноста биле пласирани различни информации и наоди поврзани со случајот.

Тој остро ја критикуваше одлуката на обвинителот, кој е при крајот на мандатот, оценувајќи дека со неа постапката е запрена и покрај трагичните последици од пожарот.

„Во модуларната болница во Тетово живи гореа 14 луѓе. Ќе повторам: живи гореа 14 луѓе“, рече Мицкоски.

Тој во продолжение упати директни критики кон обвинителот кој е во заминување, поврзувајќи ја одлуката со негови односи со претходната владејачка гарнитура.

„За жал, обвинителот којшто е во заминување, бидејќи, од тоа што сум информиран, е распишан оглас за избор на нов обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал, претпоставувам, своите должничко-доверителски односи кон претходната влада одлучува да до крај ги испорача и не му значи тоа што живи гореа 14 луѓе“, изјави премиерот.

Мицкоски оцени дека одлуката не претставува политичка амнестија и нагласи дека, доколку се појават нови детали или докази, случајот може повторно да биде отворен и постапката да продолжи.

„Секогаш можат да се појават нови детали коишто се поврзани со овој процес и секогаш овој процес може повторно да стане актуелен и практично пред јавноста да се покрене од самиот почеток“, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека повеќепати ги коментирал одлуките на правосудните институции и оцени дека и оваа одлука е меѓу, како што ја нарече, „скандалозните“.

Мицкоски се осврна и на реакциите од опозицијата, посочувајќи дека постои промена во нивниот однос кон правосудните институции.

„До вчера, тие што критикуваа за односот на правосудните органи, сега ги фалат и се полни со хвалоспеви за нивната работа и таканаречената, во наводници, „објективност“, рече тој.

Според Мицкоски, особено загрижува тоа што во случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој загинаа 14 лица, обвинителството не утврдило докази за сторено кривично дело.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk