Извештајот на Европската комисија за 2026 година е јасна потврда дека политиките што ЗНАМ ги спроведуваше во Министерството за правда во изминатите две години беа исправни, а реформите што ги започнавме и реализиравме даваат конкретни резултати. Она што за некого беа само ветувања, за нас беше обврска. Она што го ветивме пред граѓаните, го преточивме во конкретни реформи. Денес, резултатите од таа работа се препознаени и во извештајот на Европската комисија, рече на прес-конференција Игор Филков, претседавач на Централниот одбор на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, кој до јуни годинава беше министер за правда.
Според него, особено значајна е позитивната оценка за новиот Закон за Судскиот совет, донесен во декември 2025 година, окрај позитивната оценка и за новиот Закон за Советот на јавните обвинители, донесен оваа година.
-Европската комисија утврдува дека законот ги адресира препораките на Венецијанската комисија и Оценската мисија. Комисијата конкретно истакнува дека со законот се подобрени транспарентноста и јасноста на постапките за избор на судии и водењето дисциплински постапки. Позитивна оценка доби и новиот Закон за Советот на јавните обвинители, донесен во 2026 година. И за овој закон Европската комисија констатира дека е имплементирано мислењето на Венецијанската комисија. Станува збор за два исклучително значајни системски закони. Со нив поставивме квалитетна законска основа за унапредување на независноста, транспарентноста и отчетноста при изборот и одговорноста на судиите и јавните обвинители – рече Филков.
Нагласи дека е горд на донесувањето на новиот Закон за парничната постапка, со кој, како што потенцира, по повеќе од 20 годишен застој, се обновува една од најважните процесни законски рамки во државата и значи исполнување на препораките на Европската комисија од Извештајот за 2025 година. Со овој закон, рече, се предвидуваат суштински промени за модернизација и забрзување на граѓанските судски постапки.
Покрај законодавните реформи, Филков истакна дека особено значаен е и напредокот во спроведувањето на Развојанта секторска стратегијата за реформа на правосудството 2024–2028.
-Во реализацијата на активностите планирани за 2025 година бележиме значителен пораст и тоа од 42,9 отсто за 2024 година, на 56,9 отсто за 2025 година. Препознаен е и напредокот во подготовката на Патоказот за владеење на правото. Тој претставува основа за усогласување со европското законодавство и исполнување на обврските во процесот на европската интеграција. Како позитивен исчекор, во извештајот е нотирано и потпишувањето на Рамковната конвенција на Советот на Европа за вештачка интелигенција, човекови права, демократија и владеење на правото во мај 2026 година. Ова е важно за прифаќање на меѓународните стандарди за одговорно користење на вештачката интелигенција – рече тој.
Филков се осврна и на делот на критиките во извештајот – борбата против корупцијата, недоволните финансиски и човечки ресурси, независноста на правосудните институции и ефикасноста на постапките.
-Антикорпуцијата се следи како хоризонтален процес, кој влијае на сите 6 кластери и е поврзан со секое 31 поглавје преку кои се оценува процесот на пристапување кон членство во Европската Унија. Односно, директно се оценува во најмалку три поглавја од 31. Достигнувањата во делот на владеењето на правото треба да се гледаат низ призмата на Поглавјето 23, кое во суштина е основата на процесот на преговорите со Европската комисија. Овие предизвици бараат конкретно постапување од сите надлежни институции – судови, обвинителства, Судскиот совет, Советот на јавните обвинители и на сите други чинители – посочи Филков.
Потенцира дека во текот на неговиот двегодишен мандат, заедно со тимот во Министерството за правда, подготвиле вкупно 33 закони.
-Пет од нив се веќе донесени, два се во собраниска процедура, 10 во владина процедура, а останатите објавени на ЕНЕР или финализирани. Зад овие 33 закони стојат илјадници часови работа, стручни анализи, јавни дебати, консултации со домашни и меѓународни експерти и усогласувања со европски и меѓународни стандарди. Првпат пред донесување на кој било закон, од Министерството за правда, прокрај организираните стручни дебати, беа организирани и јавни дебати од страна на Собранието на Република Македонија. Тоа е многу битно да се напомене. Ова претставува сериозна работа на која сум исклучително горд и за која им изразувам благодарност на сите колеги, експерти и институции што беа дел од процесот. Сакам да нагласам дека донесувањето на овие закони, како и подготовката на останатите, не беше само прашање на исполнување на чекори од Реформската агенда. Целта беше и вистинска промена во функционирањето на правосудството во целост. Нешто што не било направено со децении. Верувам дека преостанатите подготвени закони ќе бидат донесени во најскоро време, без непотребно одложување, и дека ќе продолжи реализацијата на веќе започнатите реформи. Токму овие закони адресираат голем дел од препораките нотирани во Извештајот. Дозволете да набројам неколку од нив: Закон за спречување на корупција и судир на интереси, Закон за јавно обвинителство, Закон за судски буџет, Закон за судови, Закон за кривична постапка, Закон за академија за судии и јавни обвинители, новиот Кривичен законик, како и многу други финализирани до јули 2026 година – посочи Филков.
Како што рече, се надева дека Европската комисија во следниот извештај ќе констатира уште поголем напредок во правосудството.
-Позитивната оценка на Европската комисија е огромна потврда за вложениот труд и реализираните реформи. Поставивме важни темели, но за постигнување на крајната цел – независно, ефикасно и праведно судство – неопходно е да се задржи континуитетот, да се донесат преостанатите подготвени закони и доследно да се спроведе започнатото. Започнавме сериозен процес, но, за да бидат завршени реформите во интерес на граѓаните, и во целост, мора активно да се вклучат сите засегнати чинители и страни. ЗНАМ останува доследен на принципот на владеење на правото и дава целосна поддршка на институциите во овие комплексни процеси, како внатрешен коректив на Владата – истакна Флков.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата