logo
logo
logo

МУЦУНСКИ: Проширувањето со Западен Балкан е инвестиција во безбедноста и иднината на цела Европа

Vecer | 29.09.2026

МУЦУНСКИ: Проширувањето со Западен Балкан е инвестиција во безбедноста и иднината на цела Европа

Проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан денес не е само инвестиција во регионалната стабилност, туку стратешка инвестиција во безбедноста, силата и иднината на Европа, порача министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на отворањето на конференцијата „Европски дијалози, европско наследство и иднина“, што од вечерва до 2 октомври ќе се одржува во Скопје.

На отворањето на конференцијата, организирана од Францускиот институт во Париз, Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција во Македонија, Муцунски истакна дека младите од Западен Балкан имаат клучна улога во обликувањето на иднината на Европа.

-Денес, проширувањето не е повеќе само инвестиција во стабилноста на нашиот регион. Тоа е стратешка инвестиција на Европа во сопствената безбедност, сила и иднина – нагласи Муцунски.

Тој потенцира дека членството во ЕУ останува стратешка определба на државата, но дека процесот на интеграција треба да придонесе за зајакнување на институциите и создавање нови можности за граѓаните, а не за менување на националниот идентитет.

-Пристапниот процес треба да го трансформира нашето општество, да ги зајакне нашите институции и да создаде повеќе можности за нашите граѓани. Тој не треба да го трансформира нашиот национален идентитет – рече Муцунски.

Според него, европската перспектива мора да остане кредибилна, предвидлива и заснована на заслуги, а напредокот на земјите кандидати да зависи од реформите и исполнувањето на европските критериуми.

Францускиот амбасадор во земјава, Кристоф Ле Риголер истакна дека „Европските дијалози“ од 2023 година се организираат низ различни европски градови со цел поттикнување на дебатата за иднината на Европа и европскиот проект. отенцира дека насловот на ова издание, „Наследство и европска иднина“ подвлекува една нишка којашто е нераскинлива на овие две димензии: она што ние го примаме од историјата и она што ние посакуваме да го изградиме заедно.

Тој посочи дека конференцијата во Скопје е завршен настан од програмата „Споделени хоризонти“, иницирана од Франција во 2024 година со цел поттикнување помирување на историските сеќавања и градење заеднички европски перспективи на Западен Балкан.

-Европа не е завршен проект, туку колективна изградба и нејзиниот капацитет постојано да си ги поставува прашањата е една од нејзините сили во европскиот проект. Денес слушаме многу критики во поглед на европскиот проект – понекогаш основани, но понекогаш и неправедни. Да не заборавиме што е суштинско. Нашите сограѓани дали се спремни да прифатат алтернативни модели за коишто многу добро знаеме дека во себе содржат опасности по човековото достоинство? – оцени Ле Риголер.

Според него, Европа не се гради само преку институции и политики, туку и преку споделени искуства, идеи и солидарност, додека различните историски наративи треба да бидат основа за дијалог, а не за поделби.

-Во рамките на овие дијалози, историјата е во сржта на размислувањата, затоа што несомнено не ги споделуваме истите читања на минатото, ниту пак истите историски сеќавања. И токму таа плуралност на наративот е она што создава обврска да разговараме слободно за сите написи, но исто така и со историска строгост, критички дух и взаемно почитување. Европа не почива на бришењето на различностите, но на капацитетот да живееме заедно, но исто така и заедно да градиме заедничка рамка во којашто различноста ќе може да го даде целиот свој одраз. Оваа заедничка рамка ги одразува конкретно европските споделени вредности: достоинството, слободата, еднаквоста, плурализмот, демократијата, заштитата на правата, слободата на изразување и можноста секој да си го најде своето место во општеството – потенцира францускиот амбасадор Ле Риголер.

На конференцијата учествуваат повеќе од 70 млади истражувачи, активисти и студенти од Европа и Западен Балкан, кои во наредните денови ќе дебатираат за заедничкото европско наследство, граѓанските движења и визијата за иднината на Европската Унија.

Конференцијата беше отворена во Музејот на современата уметност во Скопје со изложбата „Солидарноста како иднина“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk