Македонскиот јазик не е автоматски загарантиран како службен јазик на Европската Унија, а само едно вето од земја членка може да го блокира неговото официјално признавање во европските институции. На ова предупредува Антонио Милошоски, кој со остра критика кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, посочува дека одлуките на претходната власт создале сериозни ризици за националните интереси. Според него, за заштита на македонскиот јазик и идентитет во евроинтегративниот процес ќе бидат неопходни силна дипломатија, континуиран политички ангажман и влијателни меѓународни сојузници.
Во објава на Фејсбук, Милошоски го обвинува Филипче дека ја доведува јавноста во заблуда со тврдењата дека преговарачката рамка гарантира оти македонскиот јазик ќе стане еден од службените јазици на ЕУ.
„Ова е голема манипулација која има за цел да создаде чувство на лажна сигурност и обид политички да се покрие грешката со која владата на СДСМ го прифати бугарското билатерално прашање како составен дел од 'францускиот предлог'“, наведува Милошоски.
Тој се повикува на европските документи, вклучително и стратегијата „Preparing for a wider Union“, како и на членот 342 од Договорот за функционирањето на ЕУ, според кој правилата за јазиците во институциите на Унијата се утврдуваат со едногласна одлука на Советот.
„Правилото е едноставно: официјалните јазици на институциите на ЕУ, без исклучок, се определуваат со едногласна одлука од страна на Советот на ЕУ! Односно, ЕУ може да добие нов службен јазик ако тоа биде побарано од земјата кандидат која преговара, но под услов ниедна земја членка да нема приговор/вето на таквото барање“, истакнува Милошоски.
Особено загрижувачка, според него, е декларацијата што Бугарија ја доставила до Советот на ЕУ во јули 2022 година, во која Софија нагласила дека споменувањето на македонскиот јазик во преговарачката рамка не значи и негово признавање од бугарска страна.
Милошоски смета дека токму ваквиот став на Бугарија претставува сериозен ризик за идното впишување на македонскиот јазик меѓу официјалните јазици на Унијата.
„За жал, тоа се 'плодовите' од сервилните потписи на владата на СДСМ и ДУИ ставени на Договорот за добрососедство од август 2017, како и на вториот протокол и анекс на Договорот од јули 2022 година. Евтините потписи на Заев и Бујар Османи, скапо ќе ја чинат Македонија и ќе бидат постојан ризик за официјалната промоција на македонскиот јазик во рамките на ЕУ“, порачува тој.
Милошоски потенцира дека користењето на терминот „македонски јазик“ во преговарачката рамка не е ист правен акт со неговото формално вклучување меѓу службените јазици на ЕУ, за што во иднина е потребна едногласна одлука.
„Од страна на Македонија ќе биде потребно да се вложи огромен политички напор, континуиран дипломатски ангажман и сериозни сојузници за да се поправат овие трасирани грешки на претходната влада“, нагласува Милошоски.
Како дополнителен пример ги посочува преговорите за евентуалното членство на Црна Гора во Европската Унија, каде што, според неговите информации, веќе се отвораат дилеми околу можноста црногорскиот јазик да стане нов службен јазик на Унијата. Тој тврди дека кај одредени земји членки постојат лингвистички, финансиски и логистички резерви.
На крајот, Милошоски прави споредба со други европски држави кои, и покрај историските несогласувања, успеале да изградат прагматични меѓусебни односи.
„Компаративно, без разлика на нивните историски спорови и конфликти, сепак рационалноста на Шпанија и Португалија, на Германија и Полска, како и разумноста на Данска и Шведска, за жал, сеуште се далечни стандарди во споредба со (не)прагматичноста на Бугарија во односот кон Македонија“, заклучува Милошоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата