logo
logo
logo

МАКЕДОНСКИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ НА НОЗЕ: ПРОТЕСТ ПРЕД ДЕЛЕГАЦИЈАТА НА ЕУ НА 31 АВГУСТ

Vecer | 24.08.2026

МАКЕДОНСКИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ НА НОЗЕ: ПРОТЕСТ ПРЕД ДЕЛЕГАЦИЈАТА НА ЕУ НА 31 АВГУСТ

Македонските превозници на 31 август ќе протестираат пред Делегацијата на Европската Унија во Скопје, револтирани поради ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната на 90 дена во рамките на 180 дена. Protestот ќе трае два часа, од 12 до 14 часот, а се очекува учество на најмалку 20 возила и поголем број превозници, возачи и вработени од различни градови во земјава.

Истовремени протести се најавени и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Акцијата ќе се одржи непосредно пред состанокот на работната група во Брисел, закажан за 1 септември, на кој треба да се разговара за проблемот со престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната.

Од „Макам-транс“ велат дека доколку на состанокот не биде постигнато преодно решение, се предлага нов протест на граничните премини, кој би започнал на 14 септември. За неговото одржување потребна е согласност од превозниците во секоја од земјите, како и одобрение од надлежните институции.

Според најавите, овој протест би можел да биде сличен на оној од јануари годинава и да трае подолго од 10 дена. Асоцијациите од четирите држави во моментов собираат поддршка од превозниците за неговата организација.

Од „Макам-транс“ посочуваат дека Европската Унија во изминатите седум месеци не покажала доволно волја за решавање на проблемот, иако во визната стратегија професионалните возачи се препознаени како лица кои вршат професионална дејност.

Во случај на протест на граничните премини, превозниците планираат да побараат да биде овозможено непречено минување на стоки од особен интерес за државата и граѓаните. Меѓу нив се наведуваат нафтата и нафтените деривати, јагленот, потребните орудија и препарати за општините и јавните претпријатија, муницијата и други стоки.

За да се утврди поддршката меѓу превозниците, „Макам-транс“ спроведува анкета. За организација на протестот е потребна согласност од најмалку 70 проценти од превозниците во државата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk