Бизнисменот Јордан Камчев побара, а судот му одобри спојување на двете затворски казни за предметите на обвинителката Лиле Стефанова, „Империја" и „Плацови на Водно". Јордан Камчев од шести ноември е на слобода.
Информацијата за БИРН ја потврдил директорот на затворот во Струга, Ваљон Ќура, каде што бизнисменот ја издржуваше затворската казна.
„Кај нас е се завршено", изјавил Ќура. Тој објасни дека Камчев побарал и добил и кратко отсуство.
„Лично му дадов месец дена", рекол за БИРН директорот на затворот.
Ова доаѓа откако Камчев побара, а судот му дозвoли да ги спои двете казни за предметите „Империја" и „Плацови на Водно" и му ја намали вкупната казна од 24 месеца на 20 месеца затвор.
Од нив се минусираат и деновите поминати во притвор и куќен притвор.
Во затворот во Струга, Камчев помина четири месеци и шест дена. Во затворот во Шутка, помина месец и 17 дена, а потоа, девет месец и 22 дена. Вкупно, тој има издржано една година и три ипол месеци. Останатиот период го има поминато во куќен притвор.
„Предлог спогодбата со Камчев е прифатена во средата. Од фирмата Кара односно Орка Холдинг ќе бидат уплатени 320 милиони денари (околу 5,1 милион евра). Фирмата е на Орце Камчев. Тие средства треба да се уплатат на УЈП. Предлог-спогодбата беше верификувана од судија на претходна постапка. Ова значи дека нема да се води постапка против него, а тој се согласи на казна од една година затвор", истакна во април годинава екшефицата на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата