Јавното обвинителство бара притвор за осум и мерки за претпазливост за четири лица уапсени вчера во рамките на истражната постапка против 18 физички и осум правни лица за проневера на над 180 милиони денари во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Сите 12 лица, меѓу кои и поранешниот претседател ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, кои вчера се уапсени, се веќе изведени пред судија на претходна постапка пред Основниот кривичен суд во Скопје, каде што треба да одлучува по барањата на Обвинителството, а пет се недостапни на органите на прогон. Поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини, кој е второосомничен, е веќе во притвор за друго дело за кое се сомничи и беше уапсен во април годинава.
Јавниот обвинител Фатон Азизи од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција - ОЈО ГОКК денеска ја оцени вчерашната акција како успешна додавајќи дека петмина од лицата што требало да се приведат не успеале да ги најдат во нивните домови.
- Пет од вкупно 18 не се достапни. Според информациите со кои располагаме, сметаме дека некои од нив се во блиското опкружување. Сметаме дека многу бргу би можело да се појават пред органите на прогонот и да кажат своја теорија и став во однос на сето ова што се води како истрага, изјави Азизи.
- Дејствата се од 2015 до 2019 година, со тоа што прво- и второосомничениот како службени лица, претседатели на ФФМ, имаат потпишано вкупно 728 платни налози, што им биле доставени од страна на третоосомничената на потпис за реализација, со тоа што преку незаконски платени парични средства за услуги што никогаш ФФМ не ги добила од правните лица и за стоки што никогаш не влегле во ФФМ нанесена е штета од големи размери во износ од 180 милиони денари или речиси три милиони евра - додаде јавниот обвинител, Азизи.
Азизи појасни дека во текот на предистражната постапка обезбедени се докази дека услугите за кои се издадени фактури никогаш не стигнале до ФФМ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата