logo
logo
logo

GOOGLE ОД СЕПТЕМВРИ ЌЕ ПРЕСМЕТУВА ДДВ ВО МАКЕДОНИЈА: Кој ќе плаќа 18%, а кој 5%?

Vecer | 20.08.2026

GOOGLE ОД СЕПТЕМВРИ ЌЕ ПРЕСМЕТУВА ДДВ ВО МАКЕДОНИЈА: Кој ќе плаќа 18%, а кој 5%?

Од 1 септември 2026 година корисниците во Македонија кои користат платени Google услуги ќе имаат нов начин на пресметување на данокот, бидејќи Google ќе започне да пресметува и наплаќа македонски данок на додадена вредност (ДДВ) на своите платени дигитални услуги. Во зависност од конкретната услуга и нејзиниот даночен третман, ќе се применува стапка од 18% или 5% ДДВ, што значи дека даночната ставка нема да биде иста за сите Google услуги. Google и во други земји применува локален ДДВ на дигиталните услуги согласно тамошните даночни правила.

Промената ќе ги опфати корисниците кои плаќаат за различни Google услуги, а точниот износ на ДДВ ќе зависи од видот на услугата и даночниот третман што се применува. Практично, даночната ставка ќе биде прикажана како дел од наплатата за услугата, односно корисниците ќе можат да видат колкав ДДВ е пресметан при плаќањето.

Промената особено ќе ги засегне компаниите кои користат услуги како Google Workspace, Google Ads, Google Cloud, но и други дигитални производи на компанијата.

Од Google ги известуваат деловните корисници во Македонија дека треба да ги проверат своите податоци во Google Payments и, доколку се регистрирани како даночни обврзници, да го внесат својот македонски даночен идентификациски број – TIN.

Овој податок ќе му овозможи на Google правилно да го утврди даночниот статус на корисникот и да го примени соодветниот даночен третман при фактурирањето.

За корисниците, клучното прашање е дали новата обврска автоматски ќе значи и 18 проценти повисока цена на услугите.

Кај физичките лица и другите корисници кај кои се применува стандардната стапка, ефектот може да биде директен. Така, услуга која чини 100 евра без ДДВ, со примена на стапка од 18 проценти би чинела 118 евра со вклучен данок.

Кај компаниите, пак, ситуацијата може да биде различна. Доколку станува збор за регистриран ДДВ обврзник кој ги исполнува условите за признавање на претходен данок, платениот ДДВ не мора да претставува конечен трошок од 18 проценти. Конечниот даночен третман ќе зависи од статусот на компанијата, видот на услугата и документот што ќе го издаде Google.

За фирмите кои немаат право на одбивка на претходниот ДДВ, данокот може да претставува дополнителен реален трошок.

Промената не се однесува само на деловните услуги. Google најавува дека од истиот датум ќе ја преземе пресметката, наплатата и уплатата на 18 проценти ДДВ и за платени апликации и купувања во апликации преку Google Play направени од корисници во Македонија.

Во македонската даночна регулатива веќе се опфатени услугите што се обезбедуваат по електронски пат. Во оваа категорија спаѓаат различни дигитални услуги, меѓу кои софтвер и негово ажурирање, веб-хостинг, одржување на програми и опрема од далечина, бази на податоци и дигитална содржина.

Од 2024 година постои и обврска за странски компании кои немаат седиште или подружница во Македонија, а остваруваат промет кој подлежи на ДДВ, да се регистрираат за даночни цели и да назначат даночен застапник.

За македонските компании кои користат платени Google услуги, практично најважно е пред 1 септември да проверат дали нивниот Google Payments профил е поставен како деловен и дали се внесени точните даночни информации.

Новото правило доаѓа во период кога домашните компании сè повеќе користат услуги од странски технолошки компании – од cloud инфраструктура и SaaS платформи до онлајн рекламирање, деловен софтвер, хостинг и AI алатки.

Токму поради растот на дигиталната економија, ваквите услуги стануваат сè позначаен дел од даночниот систем.

Промените во даночниот третман на дигиталните услуги се дел од поширок тренд на изедначување на условите за домашните и странските даватели на услуги. Во 2025 година, на пример, беше укинато и ДДВ ослободувањето за онлајн пратки до 22 евра, со образложение дека треба да се создадат пофер конкурентски услови за домашните компании.

Оттука, новото правило на Google не значи само промена на изгледот на фактурата. За дел од корисниците може да значи и повисока конечна цена, додека за ДДВ обврзниците даночниот ефект ќе зависи од можноста за признавање на претходниот данок.

Компаниите затоа треба навреме да ги проверат своите Google Payments профили и со своето сметководство да утврдат како ќе се евидентираат новите фактури и каков ќе биде нивниот конкретен ДДВ третман.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk