Жител од тетовското село Гајре е лишен од слобода откако, при чистење на својот имот, запалил оган кој потоа се проширил и предизвикал пожар на поголема површина.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, на 8 септември 2026 година во 09:30 часот, полициски службеници од Полициското одделение Попова Шапка го лишиле од слобода Р.С. (55) од село Гајре. Според пријавеното, инцидентот се случил на местото викано „Мала Зецка“, кое се наоѓа во близина на селото Гајре, додека го чистел сопствениот имот од сува трева и нискостеблеста шума, запалил оган.
Набргу потоа, огнот излегол од контрола и пожарот започнал да се шири, при што зафатил поголема површина.
Во гаснењето на пожарот интервенирале екипи на Територијалната противпожарна единица Тетово, заедно со вработени во Шумското стопанство. Благодарение на нивната интервенција, пожарот бил локализиран и изгаснат. Од МВР информираат дека во пожарот нема повредени лица.
Случајот продолжува да се документира, по што против 55-годишниот жител на Гајре ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „Предизвикување општа опасност“.
Од надлежните институции во повеќе наврати се апелира до граѓаните да бидат особено внимателни при користење оган на отворен простор, бидејќи палењето сува трева, отпад и ниска вегетација може лесно да доведе до неконтролирано ширење на огнот и загрозување на имотот, шумите и безбедноста на луѓето.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата