Огнот кај Велес се приближува кон патниот правец Велес - Штип, додека густиот чад веќе го зафати автопатот, предизвикувајќи загриженост за безбедноста во сообраќајот. И поракј интервенцијата на двата ер трактори, пожарот и понатаму се шири, а надлежните внимателно ја следат состојбата на терен.
Пожарот што попладнево избувна во месноста Дорутовец кај Велес се проширил кон патниот правец Велес – Штип, а силниот ветер го носи густиот чад кон автопатот, соопшти Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Од ДЗС информираат дека, иако опасноста од пожарот е намалена, состојбата на терен и понатаму бара внимателно следење. И покрај интервенцијата на двата авиона „ер трактор“, пожарникарите од Велес, екипите на ЈП „Дервен“ и месното население, огнената линија продолжила да се шири.
Поради густите облаци чад што ја намалуваат видливоста на автопатот, ДЗС побарала поддршка од Министерството за внатрешни работи за регулирање на сообраќајот и зголемување на безбедноста на возачите.

„Состојбата постојано се следи од Главниот штаб за управување со кризи, во координација со сите екипи на терен“, соопштија од Дирекцијата.
Во акцијата за гаснење учествуваат две противпожарни возила со шест пожарникари од ТППЕ Велес, како и два авиона „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување.

Според последниот пресек на ДЗС, до 18 часот на територијата на Македонија биле евидентирани девет пожари на отворен простор, од кои четири сè уште се активни, додека пет се целосно изгаснати.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата