logo
logo
logo

Уапсени 12 лица од Брест, Инџиково и Арачиново, Ченто и Чаир - ПРОНАЈДЕНИ ОРУЖЈЕ, МУНИЦИЈА И КОКАИН

Vecer | 10.12.2025

Уапсени 12 лица од Брест, Инџиково и Арачиново, Ченто и Чаир - ПРОНАЈДЕНИ ОРУЖЈЕ, МУНИЦИЈА И КОКАИН

Во голема полициска акција изутринава, која се одвивала истовремено на повеќе локации во Скопје и околните села, уапсени се 12 лица осомничени за учество во организирана група која тргувала со оружје и продавала кокаин. Акцијата ја спровеле полициски екипи од Одделот за сузбивање организиран криминал, под раководство на обвинител од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Претресите се спроведени во селата Брест, Инџиково и Арачиново, како и во скопските населби Ченто и Чаир.

Во акцијата беа лишени од слобода 12 лица: Н.С.(70), Ф.С.(42), Ќ.С.(44), Б.А.(40), С.Д.(37), Ф.Д.(35), Н.А.(59), Р.К.(27), Н.Л.(44), А.К.(35), З.М.(61) и Р.С.(27), за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела „злосторничко здружување“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали“. Едно лице дополнително се сомничи за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.

Од истрагата произлегува дека групата функционирала најмалку осум месеци – од април до декември 2025 година. Првоосомничениот набавувал оружје и муниција од Косово, кои нелегално ги внесувал во Македонија, а потоа ги складирал во селата Сингелиќ и Брест.

Според информациите кои ги сподели МВР со јавноста е утврдено дека групата била добро организирана.

– Секој имал своја точно утврдена улога. Едни ги носеле оружјето и муницијата, други ги барале купувачите, а трети го координирале транспортот – велат од полицијата.

Според документите од истрагата, еден од уапсените воедно продавал и кокаин, што дополнително ја проширило дејноста на групата.

Од Обвинителството исто така потврдија дека сите 12 лица се осомничени за злосторничко здружување и трговија со оружје, а за едно лице има и сомневање за трговија со дрога.

– Доказите покажуваат сериозна и организирана структура. Затоа ќе побараме на сите да им биде одреден притвор – информираат од Обвинителството.

Судија на претходна постапка од Кривичниот суд треба да одлучи за мерката притвор во текот на денот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk