Македонија доби нова директна авионска линија меѓу Женева и Скопје, која е воспоставена на барање на македонската дијаспора во Швајцарија, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Тој информацијата ја објави по партискиот настан во Ново Село, каде што се сретна со претставници на дијаспората, како и со членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ.
„Прекрасна енергија во Ново Село! Вечерва на покана на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Ново Село имавме прекрасен настан, полн со позитивна енергија и патриотизам. Се сретнавме со нашинците од дијаспората и сите оние симпатизери и членови на ВМРО-ДПМНЕ со кои изминатите години заедно работевме на подобрување на животот во Македонија. Токму на барање на дијаспората отворивме директна линија Женева – Скопје. Лет кој многу го користи дијаспората и со кој почесто и полесно се враќаат во Македонија“, објави Николоски на Фејсбук.
Тој најави и дека се работи на проектот за изградба на експресниот пат Радовиш – Струмица – Ново Село.
„Уште еден значаен инфраструктурен проект кој ќе го подобри животот на жителите од овој регион. ВМРО-ДПМНЕ е партија на народот, обединета и силна!“, додаде Николоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата