Добрососедските односи не се алтернатива на европската интеграција, туку еден од нејзините суштински темели, а Коридорот 8 дава можност тој принцип да се преточи во конкретни резултати, порача денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во обраќањето на панелот „Геостратешки контекст на Коридорот 8“ на Меѓународната конференција на министерско ниво во Софија.
Тој ја истакна подготвеноста на Македонија тесно да соработува со сите партнери за Коридорот 8 да стане водечки пример за тоа како поврзаноста може да ги зајакне безбедноста, просперитетот и европската интеграција.
- Во тој дух, би сакал да ја потврдам и подготвеноста на нашата држава да биде домаќин на следната министерска средба за Коридорот 8 - порача Муцунски.
Тој нагласи дека Коридорот 8 не се однесува само на побрз или поефикасен превоз на стоки, туку на обликување на стратешката иднина на регионот.
-Станува збор за обликување на стратешката иднина на нашиот регион, поврзување на Јадранското и Црното Море, зајакнување на нашата европска и трансатлантска отпорност и обезбедување конкретни придобивки за нашите граѓани - рече Муцунски.
- Нашата амбиција е јасна. Сега е клучно реализацијата по целата траса да ја достигне таа амбиција - заклучи министерот.
Муцунски на панелот истакна дека Коридорот 8 одамна ги надминал рамките на традиционалната транспортна инфраструктура и денес има суштинско европско, економско и безбедносно значење.
Тој им се заблагодари на бугарските домаќини што повторно ги собраа учесниците, само неколку месеци по средбата во Тирана, за да продолжи разговорот што, како што нагласи, станува сè поважен за стратешката отпорност на Европа.
-Дозволете ми да повторам една порака што ја истакнав во Албанија: Коридорот 8 е многу повеќе од линија на карта. Тој е стратешка визија што ги поврзува Јадранското со Црното Море, Европската Унија со Западен Балкан, како и нашите економии, општества и безбедносни интереси - рече Муцунски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата