ПОПУШТААТ ОГРАНИЧУВАЊАТА ЗА АЛТА БАНКА - Од денеска мобилно банкарство, од утре експозитура во „Бисер“

Vecer | 10.11.2026

ПОПУШТААТ ОГРАНИЧУВАЊАТА ЗА АЛТА БАНКА - Од денеска мобилно банкарство, од утре експозитура во „Бисер“
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Народната банка продолжува со постепено олеснување на условите за располагање со средствата и користење на банкарските услуги на клиентите на „АЛТА банка“ АД Битола. Во рамките на активностите за обезбедување полесен пристап до средствата и непречено извршување на секојдневните финансиски обврски, клиентите на Банката од денеска, 10 ноември, можат да ги користат услугите на електронското и мобилното банкарство, согласно лимитот од 15.000 денари неделно за клиентите кои поседуваат платежни картички и до 20.000 денари (за две недели) за оние кои не поседуваат.

Лимитот се применува збирно за сите сметки во Банката и ги опфаќа следниве канали: плаќање со картички во трговија или електронска трговија, повлекување готовина од банкомати, повлекување готовина на шалтер во експозитура, како и плаќања преку електронско и мобилно банкарство.

Од утре (11.11.2026) со работа ќе започне и експозитура на „АЛТА банка“ АД Битола во Скопје, поконкретно експозитурата во Трговскиот центар „Бисер“, на адресата бул. Јане Сандански бр. 1/1. Со отворањето на оваа експозитура, клиентите на Банката од Скопје и околината ќе добијат полесен пристап до банкарските услуги, без потреба да патуваат во другите градови.

Продолжуваат со работа и експозитурите во Битола, Струмица и во Тетово, каде што клиентите можат да ги користат услугите коишто им беа овозможени досега, односно подигање готовина на шалтер во рамките на утврдените ограничувања, како и уплати за намирување на комуналните услуги, отплата на кредити и останати потреби.

Народната банка соопшти дека продолжува внимателно да ја следи состојбата во „АЛТА банка“ АД Битола и да презема активности за постепено проширување на достапноста на банкарските услуги, со приоритет да им се овозможи на сите клиенти полесен пристап до сопствените средства и непречено извршување на платежните услуги.

„АЛТА банка“ АД Битола продолжува да работи, а привремената администрација е заштитна мерка којашто се применува до разрешување на сопственичката состојба. Приоритет на Народната банка останува заштитата на интересите на клиентите и зачувувањето на стабилноста на Банката.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk