Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, остварил средба со амбасадорот на Црна Гора, Зоран Миљаниќ, на која разговарале за билатералните односи, процесот на пристапување кон Европската Унија и можностите за продлабочување на институционалната соработка.
Како што соопшти МЕП, Сали го поздравил напредокот на Црна Гора во пристапните преговори и ја потврди поддршката на Македонија за нејзината амбиција да стане следната членка на Европската Унија. Тој истакнал дека овој напредок претставува охрабрувачки сигнал за регионот и за кредибилитетот на политиката на проширување.
На средбата биле разгледани можностите за поинтензивна размена на експертиза врз основа на договорот за соработка во контекст на пристапувањето кон Европската Унија, потпишан во 2012 година. Областите од интерес ги опфаќаат координацијата на преговорите, усогласувањето со европското законодавство, реформата на јавната администрација и управувањето со европските фондови.
Од МЕП наведуваат и дека министерот ги претставил и приоритетите на Македонија за спроведување на реформската агенда и планот за раст за Западен Балкан, со акцент на конкретните придобивки за граѓаните и бизнисите.
– Сали ја нагласил важноста на праведен и предвидлив пристапен процес, заснован на заслуги, како и на регионалната соработка за напредување кон заедничката цел – членство во Европската Унија – истакнуваат од Министерството за европски прашања.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата