Министерството за внатрешни работи со забрзано темпо ја модернизира граничната инфраструктура, позиционирајќи ја државата како лидер во воведувањето на европски решенија за олеснување на протокот на патници и стока во регионот. Со пуштањето во употреба на новите капацитети, Македонија е на чекор да стане една од првите земји на Балканот со целосно функционален интегриран систем на границите.
Како што појаснуваат од полицијата, придобивките од ваквиот пристап веќе се чувствуваат на терен, особено во екот на летната сезона кога фреквенцијата на возила е енормно зголемена.
-Со имплементацијата на One Stop системот, граѓаните добиваат едно застанување, една гранична контрола и значително пократко време на чекање, а државите добиваат поефикасно управување со границите, поголема безбедност, повеќе трговија, туризам и регионална поврзаност. Веќе ги гледаме резултатите. На Табановце, и покрај тоа што ова лето бројот на патници е зголемен за 15 до 20 проценти, времето на чекање е значително намалено. Истото го овозможивме и на Блаце – Елез Хан, а со пуштањето во употреба на системот на Јажинце – Глобочица ја заокруживме имплементацијата на заедничките контроли со Република Косово, велат од МВР.
Потпишаниот договор со Република Албанија е следниот важен чекор во оваа стратегија. Од министерството најавуваат дека наскоро и таму ќе се воспостави One Stop систем, со што Македонија ќе стане една од првите земји во регионот што ќе има ваков модел на заеднички гранични проверки со сите соседни држави надвор од Шенген зоната.
Од МВР децидно нагласуваат дека фокусот останува на реформите кои носат директна корист за секој поединец, но и за економијата во глобални рамки.
-Ова не е само инфраструктурен или административен проект. Ова е инвестиција во побрза комуникација меѓу луѓето, посилна економска соработка, поголема мобилност и уште побезбедни граници. Продолжуваме да градиме модерно Министерство за внатрешни работи, кое воведува европски решенија што директно го подобруваат секојдневниот живот на граѓаните и ја прават Македонија подобро поврзана, побезбедна и поконкурентна, велат од МВР.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата