logo
logo
logo

ИСТОРИЈАТА БИЛА ЗАЕДНИЧКА, А ОМРАЗАТА ГОЛЕМА - Јотова со провокативна изјава од прослава во Бугарија

Vecer | 24.08.2026

ИСТОРИЈАТА БИЛА ЗАЕДНИЧКА, А ОМРАЗАТА ГОЛЕМА - Јотова со провокативна изјава од прослава во Бугарија

Бугарската претседателка Илијана Јотова повторно ги затегна односите меѓу Скопје и Софија, наметнувајќи ја темата за положбата на Бугарите во Македонија за време на одбележувањето на 123-годишнината од Илинденско-Преображенското востание.

За време на соборот на месноста „Петрова нива“, таа истакна дека денес за Бугарите во Македонија се зборува со многу омраза и поделби и поручи дека Бугарија нема да се откаже од нив, туку цврсто ќе ги штити нивните права.

– Ние нема да се откажеме од вас и ќе ги заштитиме вашите права – правата на секој човек. И ова не е политичка декларација. За мене, ова е вистинското читање на тестаментот на народот од Илинден, кој знаеше дека само во единство и обединување можеме да имаме слобода, државност и слобода на секој човек – рече претседателката на Бугарија.

Јотова во својот говор повтори дека историјата меѓу двете земји е заедничка и дека нема што да се дели, потсетувајќи на жртвите од востанието во 1903 година и краткиот живот на Странџанската Република.

– Не можеме, а да не забележиме уште нешто денес – колку рани, колку поделби. Денес во Република Северна Македонија луѓето зборуваат за Бугарите, а нашата историја е заедничка. Што имаме да споделиме? – рече Јотова.

Таа нагласи дека пораките од Илинден се за единство и слобода, повикувајќи ги политичарите и општествата да се спротивстават на говорот на омраза.Овие остри пораки од Софија доаѓаат во период кога Владата во Скопје бара цврсти и дополнителни гаранции дека евентуалните уставни измени и внесувањето на Бугарите во Уставот нема да донесат нови вета и блокови на патот кон Европската Унија. Политичкиот притисок дополнително се засилува со оглед на тоа што во Бугарија претстојат претседателски избори каде Јотова важи за главен фаворит, откако претходно ја презеде функцијата по оставката на Румен Радев. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk