Петмина јавни обвинители досега поднеле кандидатури на огласот за избор на основен јавен обвинител на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, информира претседателот на Советот на јавните обвинители, Башким Бесими.
Според информациите на МИА, за функцијата се кандидирани вишиот јавен обвинител Јован Цветановски, поранешниот обвинител во СЈО, а сега обвинител во Вишото јавно обвинителство, Трајче Пеливанов, обвинителката од ОЈО Скопје, Лидија Раичевиќ, како и обвинителите од ОЈО ГОКК Искра Хаџи-Василева и Фатон Азизи.
Советот на јавните обвинители во петок ќе одржи седница на која, меѓу другото, треба да бидат формирани комисии поврзани со постапката за избор на нов шеф на ОЈО ГОКК. Согласно одлуката за свикување на 50-та седница, на дневен ред е формирање Комисија за подготвување на кандидатски листи, како и Комисија за избор на основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК.
Изборот ќе се спроведе на 28 октомври, од 8 до 16 часот.
Право на кандидатура имаат јавни обвинители со најмалку 6 години непрекинат стаж како јавен обвинител до моментот на пријавувањето и со позитивна оценка во последните 3 години.
Изборот на нов шеф на ОЈО ГОКК следува по истекот на мандатот на актуелниот раководител Ислам Абази, кој функцијата ја извршува од октомври 2022 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата