Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, изјави дека со завршувањето на реконструкцијата на терминалната зграда и помошните простории, Охридскиот аеродром добива значително подобри услови и подобро искуство за патниците.
„Навистина сум пресреќен што денеска, после напорна работа, успеваме да отвориме практично нов аеродром, односно успеваме да отвориме една терминална зграда заедно со помошни простории коишто значат многу, многу подобро искуство за патниците споредено со претходно“, рече Николоски.

Тој посочи дека последните големи интервенции на аеродромот биле направени околу 1970 година, што значи дека терминалната зграда, како и деловите за полетување и слетување, 56 години биле во исти или слични услови.
Николоски нагласи дека на аеродромот ќе му помогне и новата инфраструктура, посочувајќи на изградбата на автопатот Охрид-Кичево.
„Веќе делот до аеродромот е завршен, веќе може од Охрид до аеродромот да се стигне по автопат“, рече тој.
Според Николоски, изградбата на автопатот продолжува интензивно, а најтешката делница, како што најави, треба да биде отворена во следните месеци. Тој очекува во текот на првото полугодие од следната година да биде отворен целиот автопат, а паралелно да продолжи работата и на останатите делници што треба да обезбедат поврзување со Скопје и со скопскиот аеродром.

Вицепремиерот се осврна и на бројот на патници на Охридскиот аеродром, посочувајќи дека само во периодот од јануари до јуни годинава биле регистрирани повеќе од 240.000 патници.
„Нешто што мислам дека никој не го очекуваше. А двата аеродроми заедно оваа година ќе се блиску до 4 милиони, нешто што беше незамисливо за нашите аеродроми и ќе продолжиме да растеме“, изјави Николоски.
Тој посочи и на културните елементи кои се дел од обновениот аеродром, меѓу кои мозаиците кои претставуваат реплика на мозаиците пронајдени низ стариот дел на Охрид, Варош и Плаошник.
Николоски се заблагодари на сите институции и лица кои учествувале во реставрацијата, а како трет значаен елемент ја издвојува репликата на фреските од катедралната црква „Света Софија“.
„Така што, овој аеродром, покрај аеродром, е и еден мал музеј којшто го претставува регионот и се надевам дека сите коишто ќе патуваат од тука ќе уживаат“, порача Николоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата