Почната е постапката за избор на консултантска куќа која што ќе ја изработи целокупната документација за изградба на експресен пат од Радовиш преку Струмица, Ново Село до границата со Република Бугарија, најави денеска при посетата на општина Радовиш, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт и врски Александар Николоски.
-Да, нашата идеја е да се изгради експресен пат којшто ќе оди од Радовиш преку Струмица, Ново Село, до граница со Бугарија и на тој начин да имаме уште едно поврзување кое што е автопатско или со експресен пат со Република Бугарија, што ќе даде и голема значење на овој пат.Во овој момент почната е постапката за избор на куќа која што ќе ја работи целокупната документација – од предпроектна документација, преку еколошки студии, социјални студии и физибилти студија. Рокот за поднесување на понуди е до 8 октомври, што значи завршува за некаде десетина дена. После тоа очекувам да биде избран изведувачот – подвлече Николски.
Вицепремиерот Николоски истакна дека во рок од шест до девет месеци треба да се завршат студиите и потоа ќе следи постапката на тендерирање.
-Она што сакам да кажам е дека ќе одиме со сопствени средства од Јавното претпријатие за државни патишта. ЈПДП е во добра кондиција, има добри приливи на средства и ќе можеме да го градиме овој проект, така што еве нека не е ветено, но ако сѐ оди добро и имаме добра постапка за избор сега прво на консултантска куќа, а после тоа на изведувач, очекувам до есента веќе да почнат градежни активности на терен, што како што кажав ќе значи многу и да напоменам уште еднаш нема да одиме само до Струмица, туку ќе одиме до граница со Бугарија- истакна вицепремиерот Николоски при посетата на Радовиш.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата