Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Бирото за јавна безбедност (БЈБ) при МВР, во соработка со грчката национална разузнавачка агенција и други партнерски служби, разоткрила прокси мрежа во Македонија поврзана со ирански државјанин, чии членови преземале подготвителни логистички активности за извршување терористички акт, односно атентат врз лице во Грција.
Министерството за внатрешни работи, односно Бирото за јавна безбедност, во координација со Агенцијата за национална безбедност, реализираше заедничка антитерористичка акција насочена кон откривање и спречување активности поврзани со кривичните дела „Тероризам“ и „Терористичка организација“.
-Акцијата следува по информации добиени од АНБ во рамки на меѓународната соработка, кои на почетокот на годинава беа доставени до Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал. Информациите се однесувале на шест лица, државјани на Македонија, на возраст од 29 до 73 години, од Скопје и Куманово. По преземените координирани оперативни и истражни активности, акцијата беше реализирана од надлежните полициски служби при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, со поддршка на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“. Врз основа на наредби од судија на претходна постапка, беа извршени претреси на четири локации, при што беа лишени од слобода четири лица. Дополнително, во Република Грција беше лишено од слобода уште едно лице, кое беше предадено на надлежните органи во нашата држава. По шестото лице, за кое има сознанија дека се наоѓа надвор од државата, се трага, изјави на денешната пред-конференција директорот на БЈБ, Александар Јанев.

МВР
При претресите беа пронајдени и одземени мобилни телефони, лаптопи, персонални компјутери, УСБ-мемориски уреди, тефтери со контакти, скица со означена локација, како и огнено оружје и муниција, од кои дел без соодветна дозвола. Одземените предмети ќе бидат предмет на понатамошни анализи и вештачења.
Во текот на постапувањето беше утврдена меѓусебната поврзаност на лицата, како и нивната поврзаност со странски државјани, меѓу кои и лица поврзани со т.н. прокси-мрежи. Исто така, беше утврдено дека имале намера да извршат терористички акт насочен кон цел на територијата на друга држава.
„Во таа насока Агенцијата презеде сет од оперативно-технички и аналитички активности со цел разоткривање на прокси мрежа од земјава, надоврзана на иранскиот државјанин Едрис Јахангири Маване (Edris Jahangiri Mavaneh), издиференциран како лице поврзано со други прокси актери на иранските безбедносно-разузнавачки служби, вклучително и негова поврзаност со нарко босот Наџи Шарифи Зиндашти (Naji Sharifi Zindashti). Во однос на македонската мрежа, станува збор за лица етаблирани во криминални структури во земјава, кои по директни насоки на иранскиот државјанин преземаа подготвителни логистички активности за извршување на терористички акт/атентат врз лице во Грција“, изјави директорот на АНБ, Бојан Христовски.
Тој додаде дека во координација и размена со странски партнерски служби бил разоткриен нивниот modus operandi, за одржување на конспиративни средби на територија на трети земји, вклучително и Иран, при што беа потврдени конекциите со иранскиот државјанин, кој е главен носител на планираната терористичка акција.
-Информациите укажуваат дека станува збор за лице кое има широка мрежа на прокси актери и контакти со лице од висок интерес за безбедносните служби, односно истиот е соработник на иранските безбедносно-разузнавачки служби, посочи директорот на АНБ.
За преземените активности и утврдените сознанија е известено надлежното јавно обвинителство, а на пет лица им се определени соодветни мерки од страна на судија на претходна постапка.
-Оваа акција е потврда за високото ниво на соработка и оперативна координација меѓу МВР/БЈБ и АНБ, која се темели на континуирана размена на информации, заедничка анализа на безбедносните сознанија и координирано постапување. Континуитетот на оваа соработка го потврдува и фактот што од крајот на 2024 година до денес, во координација со АНБ, МВР постапувало во 10 случаи во кои биле опфатени вкупно 22 лица, како и во два одделни случаи против две лица за кривичното дело „Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации во обид“, истакна Јанев.
МВР и АНБ продолжуваат со интензивната соработка, заедно со надлежното јавно обвинителство и меѓународните партнери, со цел навремено откривање и спречување на активности што можат да ја загрозат националната и регионалната безбедност.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата