НАТО да спречи Хаг да биде алатка на албанските екстремисти да го отворат балканскиот „безбедносен вентил“
Масовниот настан наречен „Марш за слобода“ што се случи во Приштина во саботата е само сериозно предупредување дека во дел од регионот военото минато сè уште има моќ да ја диктира политичката сегашност, и тоа од позиција на воено-безбедносна закана. Кога ќе се дозволи таквата атмосфера да тлее подолго време, пред очите на институциите на меѓународната заедница што се декларираат како гарант на мирот (НАТО, ЕУ, ОН…), каде што флагрантно има спој на политички структури чии корени се во поранешни вооружени формации, тогаш границата меѓу (политичкиот) протест и безбедносниот ризик станува опасно тенка и, доколку не се реагира навремено, таму каде што е најтенко, се кине…
Приштина во саботата повторно покажа колку е жива политичката и емоционалната моќ на наследството на УЧК. На само четири дена пред изрекувањето на првостепената пресуда во Хаг за Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Сељимии Јакуп Красниќи, илјадници граѓани се собраа на плоштадот „Скендербег“ на протестот насловен како „Марш за слобода“. На собирот доминираа знамиња и симболи на УЧК, пораки во одбрана на нејзините поранешни лидери и директни пораки до Хаг. Според извори од Приштина, мобилизацијата за протестот одамна ги надминала рамките на ветеранските здруженија на УЧК што се појавија како иницијатори и поддржувачи на „своите команданти“.
Во тој контекст, изворите потврдија присуство на партиски структури на Албанците од целиот регион и соседните земји, на НВО поврзани со еднодимензионална етничка припадност, на ученици и студенти од повеќе универзитети во регионов, па дури и ученици на основни училишта. Според истите извори, присутни на настанот, „прашањето веќе не е само што ќе одлучи судскиот совет во Хаг на 16 септември туку што ќе се случи ден потоа.
Доколку пресудата биде ослободителна, политичката цена за Косово и за целиот регион веројатно ќе биде ограничена на прослави, политички декларации и потврдување на наративот дека УЧК била ослободителна, а не криминално-злосторничка паравоена формација.
Но доколку пресудата биде осудителна, тогаш Хаг може да стане катализатор за многу поширока политичка мобилизација, и тоа пред очите на тие силни меѓународни институции, вклучувајќи го и сеприсутното НАТО. Тоа сценарио не е измислено како хипотеза од денешниот протест. Во јавноста веќе беа испратени директни предупредувања“.
Околу Косово не постои безбедносен кордон, па жариштето да е изолирано

„Нова Македонија“ на 1 септември ја објави анализата „Една пресуда, три потенцијални безбедносни жаришта“, во која беше посочена изјавата на поранешниот припадник на УЧК и поранешен претседател на ветеранското здружение Насим Харадинај дека, доколку Тачи, Весељи, Сељими и Красниќи бидат прогласени за виновни, „ќе горат Косово, Албанија и Македонија“. Истовремено, во анализата беше нагласено дека таквата изјава сама по себе не претставува доказ за конкретен „план за насилство“, но секако е индиција за такво нешто.
– Во антиципациите на безбедносните служби, јавно предупредување не мора да биде доказ за „заговор“ за нешто поголемо… Но таквото предупредување доаѓа од регион во кој границите одамна не се пречка за политичка, идеолошка, финансиска или човечка мобилизација. Најголемата заблуда би била случувањата во Приштина да се набљудуваат како исклучиво косовска внатрешнополитичка приказна.
Косово, Македонија и Албанија се дел од еден простор во кој (пара)воените и политичките структури отсекогаш биле поврзани. Тие се дури продлабочени од конфликтите во 1990-тите и од 2001 година. Тие настани оставија длабоки персонални, организациски и политички врски. Токму затоа секоја сериозна криза во Приштина неизбежно го поставува прашањето како ќе реагираат Тетово, Гостивар, Скопје и другите средини во Македонија со значително албанско население – велат наши соговорници, безбедносни експерти и професори на Факултетот за безбедност од Скопје.
Да не се повтори сценариото 2001

Не треба однапред да се тврди дека ќе има дестабилизација. Но, исто така, би било неодговорно да се игнорира можноста политичката мобилизација од Косово да произведе одек и во Македонија. Безбедносните експерти во неколку наврати предупредуваат токму на таа можност. Тие пред извесно време и преку нашиот весник се огласија преку текстот насловен „Да не се повтори сценариото 2001!“.
Во него беше анализирано дека евентуалните протести во Косово, Прешевската Долина и Македонија може да функционираат како „сврзани садови“ и дека безбедносните служби треба пошироко да ги набљудуваат регионалните процеси. Денес тој текст повторно добива актуелност. Не затоа што историјата мора да се повтори, туку затоа што механизмите што еднаш биле употребени за мобилизација не исчезнаа автоматски со завршувањето на конфликтот. П.Р.
Уреднички осврт
Демократската унија за интеграција (ДУИ) е политичка партија. Но историски факт е дека нејзиното историско потекло е поврзано со паравоената ОНА и со конфликтот од 2001 година. За потсетување, по завршувањето на конфликтот, значаен дел од поранешното воено раководство се трансформира во политичка структура. Тоа само по себе е еден од клучните феномени на постконфликтна Македонија! Имено, луѓе и мрежи што претходно ја артикулираа својата моќ преку оружен конфликт, подоцна ја артикулираа преку институциите (?!).
Политичката трансформација требаше да значи и дефинитивно напуштање на логиката на оружјето, но токму тука остана големото прашање… Всушност, што ќе се случува кога политичката моќ ќе почне да се губи?
„Нова Македонија“ веќе пишуваше за политичките пораки од ДУИ и за најавите за протести, предупредувајќи дека во услови на нивна политичка маргинализација ќе се појави искушение за користење етничка мобилизација како средство за враќање на политичкото влијание. Тоа е клучната точка што не смее да се изгуби во „дневнополитичката бучава“.
Партијата може да биде политичка, но политичкото наследство на една партија може да биде и безбедносно релевантно. Особено ако политичкиот конфликт се претвори во етнички конфликт.
Хашките случаи – наш долг кон правната држава

Во врска со ова прашање доаѓаме до најнепријатниот дел од опсервацијата. Додека Хаг им суди на поранешни лидери на УЧК, Македонија има сопствено нерешено наследство од конфликтот во 2001 година.
Четирите таканаречени хашки случаи – „Водство на ОНА“, „Мавровски работници“, „Непроштено“ и „Затворањето на липковската брана“, по нивното враќање од Хашкиот трибунал, требаше да бидат процесирани во македонскиот правосуден систем. Но тие во 2011 година беа ставени ад акта по автентично толкување на Законот за амнестија.
Тука лежи еден од најголемите парадокси на македонската постконфликтна држава. Она што Хаг го препозна како прашање што треба да биде предмет на судска постапка, во Македонија заврши во политичко-правна фиока. И тоа не е само политичка оценка.
Поранешниот јавен обвинител и судија Ставре Џиков во изјава објавена во нашиот весник оценува дека „ставањето на предметите ад акта било резултат на политички договор“, при што нагласува дека воените злосторства не застаруваат. Така Македонија доби една апсурдна ситуација, имено правдата за воените злосторства беше прогласена за завршена без тие злосторства суштински да добијат судска завршница.
Иронијата на Хаг
Затоа сликите од протестот во Приштина викендов имаат посебна тежина за Македонија. Таму илјадници луѓе бараат Хаг да ги ослободи лидерите на УЧК. Во Македонија, пак, сопствените хашки случаи со години стојат затворени во институционалната фиока. Во едниот случај се бара од меѓународната правда да се откаже од гонењето.
Во другиот случај домашната политика веќе еднаш интервенираше за да не дојде до судска разврска. И токму затоа16 септември не треба да се гледа само како датум во календарот на т.н. Специјализирани совети на Косово.
Тоа е тест и за македонската држава. Имено, еден специјален тест за тоа дали ќе дозволи туѓата политичка мобилизација повторно да стане домашен безбедносен проблем?! И тест дали институциите ќе реагираат навреме на евентуални закани, без притоа да ги криминализираат легитимните политички и граѓански протести. И, можеби најважно, тест дали Македонија конечно ќе сфати дека незавршената правда од 2001 година е безбедносен ризик сама по себе.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата