НОВА ГЕРМАНСКА ИНВЕСТИЦИЈА ОД 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ТЕТОВО – „Киел Македонија“ отвора автоматизирана производна линија

Vecer | 12.11.2026

НОВА ГЕРМАНСКА ИНВЕСТИЦИЈА ОД 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ТЕТОВО – „Киел Македонија“ отвора автоматизирана производна линија
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

„Киел Македонија“, која е дел од германската Киел Групација го завршува тестирањето на новата целосно автоматизирана линија за прашкасто фарбање на метални компоненти, инвестиција вредна околу 1,5 милиони евра.

Со оваа инвестиција компанијата го заокружува производствениот процес на обработка на метални компоненти во сопствениот капацитет во Тетово, што овозможува поголема производствена ефикасност и дополнително проширување на дејноста.

На новата линија веќе се ангажирани 5 работници, а со планираното воведување уште две смени се отвораат можности за дополнителни вработувања.

-Особено ме радува што денес гледаме компанија која не само што успешно работи во нашата држава, туку продолжува да инвестира, да го проширува своето производство и да создава нови можности за вработување. Зад секоја инвестиција стојат луѓе, нивното знаење, труд и посветеност. Токму вработените се најголемата вредност на компаниите и двигател на економскиот развој. Нашата цел е да создаваме услови за стабилни и квалитетни работни места, за професионален развој на работниците и за континуиран раст на нивните приходи – изјави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши за време на денешната посета на компанијата во Технолошко-индустриската развојна зона Тетово.

Тој нагласи дека проширувањето на производствените капацитети и воведувањето нови технологии се особено значајни за конкурентноста на македонската економија.

– За нас е важно што компаниите што веќе инвестирале во Македонија одлучуваат тука да ги развиваат и следните фази од своето производство. Тоа значи нови технологии, дополнителна вредност во домашната економија и нови можности за нашите работници. Секое ново работно место е важно, а секое проширување на производството е можност за поголем економски развој. Како Министерство за економија и труд, остануваме посветени на подобрување на деловната клима и создавање услови за нови и одржливи инвестиции – рече Дурмиши.

„Киел Македонија“ произведува компоненти и системи за седење за автобускиот и железничкиот сектор, а нејзините производи се дел од меѓународните производствени синџири на компании како „Сименс“, „Алстом“, „Штадлер“ и „ВДЛ Ван Хол“.

„Киел Македонија“ работи во земјава од 2017 година и денес вработува околу 190 лица во двата производствени капацитета во Тетово и Желино. Компанијата континуирано го проширува производството, а досегашните инвестиции во постојниот објект во ТИРЗ Тетово надминуваат 11 милиони евра.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk