Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово до поголемите политички партии денеска доставил барање да се измени законот со кој се определуваат имиња на улици.
Барањето доаѓа откако пред два дена реагираше на предлозите за 145 нови имиња на улиците на Тетово од Општина Тетово, меѓу кои е името на Фадил Сулејмани, човек кој, како што тврди Сојузот, во интервју во Софија го негирал постоењето на македонскиот народ.
Во прилог целото соопштение:
„Денес 19.08.2026 година до координаторите на пратеничките групи на парламентарните политички партии ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, ЛЕВИЦА и ЗНАМ достави Барање за отпочнување на постапка за измени и дополнувања на Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти.
Барањето кое го доставивме е соодветно и комплементарно на измените направени со Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации (Службен весник бр. 239/2022) од 08.11.2022 година, кога се направи законски филтер со цел спречување на регистрацијата на бугарските про-фашистички клубови низ државата.
Во нашето делување увидовме потреба да се подобри законското уредување на оваа значајна и сензитивна материја. Со предложените измени и дополнувања бараме во законскиот текст да се внесе изрична забрана за именување на улица, плоштад, мост и друг инфраструктурен објект со име на личност или организација поврзани со фашизам, нацизам, тероризам и нивните појавни форми, и други имиња поврзани со нивното делување и постоење.
Исто така, бараме покрај претходната согласност од Владата која е колективно политичко тело до Советот на Општината, односно Советот на Градот Скопје, кој отпочнал постапка за определување на име, да се предвиди и задолжително и обврзувачко мислење во владината постапка и од страна на Комисијата за имиња формирана согласно Законот за здруженија и фондации, како стручно тело.
Антифашизмот е основа на постоењето на македонската држава, а претставниците на граѓаните во највисокиот законодавен дом се обврзани да го штитат националниот интерес. Очекуваме позитивен приод од сите пратенички групи и итно отпочнување на законодавна постапка“, вели Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата