Дете од четири години остварило 3,1 милион денари од дивиденда, а 97-годишен пензионер 1,089 милиони денари, од кои 59 отсто од пензија, а останатото од дивиденда, покажуваат податоците од Управата за јавни приходи (УЈП) за 2025 година.
Како што информира директорката на УЈП, Елена Петрова, минатата година се поднесени над 863.100 даночни пријави од граѓани или 10,6 отсто повеќе од 2024 година. Најголем дел од пријавите се поднесени во Скопје, по што следуваат Штип, Прилеп, Битола, Тетово и Струмица.
– Интересни се податоците за највисоките поединечни доходи. Највисоката годишна бруто плата изнесува 139,1 милиони денари, додека највисоката дивиденда е 252,6 милиони денари, а највисоката капитална добивка е 164,2 милиони денари. Највисокиот доход од самостојна дејност е 157,9 милиони денари. Кога станува збор за вкупен доход од сите извори, највисокиот доход во 2025 изнесува 257,5 милиони денари и го остварил граѓанин од Гевгелија преку плата, дивиденда и друг доход исплатен од една компанија. Следува граѓанин од Охрид со 254,4 милиони денари. Овие приходи покажуваат зошто е важно различните извори на доход да се разгледуваат заедно, а не изолирано, рече Петрова на брифинг со новинарите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата