Во рамки на постапка за организиран илегален увоз и дистрибуција на медицински средства користени при естетски зафати, под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР се уште спроведува координирана акција при што се вршат интензивни претреси на повеќе локации низ државата.
Акцијата е резултат на постоење на основи на сомневање за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма и Примање поткуп.
До овој момент се обезбедени повеќе лица, но поради обемот и сериозноста на случајот, акцијата се проширува со нови претреси и приведување на други инволвирани лица.
Претходно и МВР соопшти дека од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при под раководство на ОЈО за ГОКК се спроведува полициска акција при што е сузбиена организирана криминална група инволвирана во извршување на повеќе кривични дела.Во рамки на акцијата, врз основа на претходно обезбени Наредби од Основен кривичен суд се вршат претреси на повеќе локации во Скопје, Струмица и Битола, пришто лишени од слобода се повеќе лица, дел од нив вработени како доктори на скопските клиники и сопственици на дерматолошки ординации.
Како што ексклузивно веќе објавивме, според сознанијата до кои КУРИР дозна дека во акцијата се опфатени докторите:
Наташа К. – дерматолог, Арбен К. – дерматолог, Дејан Ф., Магдалена И.В.- доктор и Андреа Т. – АС ЕСТЕТИК од Битола.
Се сомнева дека групата била поврзана со нелегален увоз и дистрибуција на фалсификувани ботокси, филери и други медицински препарати, кои биле внесувани во земјава преку нелегални канали од повеќе држави, меѓу кои Кина, Турција и Србија. Производите, според информациите, немале соодветна контрола, дозволи ниту регистрација, а потоа биле пласирани на пазарот.
Овие препарати, кои често се користеле под превезот на естетски третмани, наместо подобрување на изгледот, можеле да предизвикаат сериозни здравствени последици – инфекции, деформитети, трајни оштетувања, па дури и ризик по животот на граѓаните.
Случајот отвора сериозни прашања за злоупотреба на довербата на пациентите и опасностите од нерегулирани медицински интервенции.
Надлежните институции најавуваат дека борбата против ваквите криминални структури ќе продолжи со засилено темпо, со цел целосно расчистување на случајот и санкционирање на одговорните.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата