ВОНРЕДНА КОНТРОЛА ВО ТЕТОВСКАТА МЛЕКАРНИЦА

Vecer | 16.11.2026

ВОНРЕДНА КОНТРОЛА ВО ТЕТОВСКАТА МЛЕКАРНИЦА
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) минатата недела спровеле вонреден инспекциски надзор во тетовската млекарница, чии производи се најдоа под лупа на косовските ветеринарни власти поради утврдено присуство на бактеријата ешерихија коли во претходни пратки.

При контролата биле земени мостри од млечни и композитни производи, како и брисеви од работните површини, опремата и вработените. Примероците се испратени во две независни лаборатории, но резултатите сè уште не се пристигнати.

-Во рамки на вонредната контрола во млекарницата земени се мостри од млечни и композитни производи, како и брисеви од работни површини, опрема и од вработените лица кои се дадени на тестирање во две независни лаборатории, чии резултати АХВ сè уште ги нема добиено- информираат од Агенцијата.

Случајот се актуализираше на почетокот на ноември, кога косовските ветеринарни власти донесоа одлука за забрана на увоз на производи од тетовската млекарница, поради присуство на ешерихија коли во пратки со млечни и композитни производи. Во меѓувреме, од Косово беа вратени две пратки со вкупно 12.268 килограми производи.

Од АХВ велат дека за одлуката на косовската Агенција за храна и ветеринарство досега не добиле официјално известување. Операторот, пак, поднел барање за враќање на пратката која се наоѓа под официјален надзор на косовските власти. Од македонската Агенција тврдат дека редовните и вонредните контроли спроведени во млекарницата во текот на годинава не покажале неправилности. Како аргумент ги наведуваат и лабораториските испитувања од 29 април и 21 октомври, реализирани во рамки на годишната мониторинг-програма за микробиолошките критериуми на храната од животинско потекло.

-По спроведените лабораториски тестирања на земени мостри производи од овој преработувачки капацитет не се утврдени недоследности кај тестираните производи- соопштуваат од АХВ.

Ова не е првпат производи од тетовската млекарница да бидат вратени од Косово. На крајот на април годинава биле вратени производи со вкупна тежина од 12,9 тони. По дополнителните лабораториски испитувања спроведени од македонската страна, кај пет производи не биле утврдени отстапувања од микробиолошките критериуми. Сепак, 980 килограми композитен производ биле нештетно уништени, откако косовските власти го одбиле за увоз поради незадоволителен резултат.

Во август, по ново враќање на пратка од Косово, АХВ спровела вонреден инспекциски надзор и наредила уништување на уште 1.260 килограми млечни производи. Косовските ветеринарни власти претходно утврдиле дека тие се небезбедни по лабораториското тестирање. За четири други производи од истата пратка, дополнителните анализи направени од македонската страна покажале задоволителни резултати.

Повторените враќања на производи од Косово отвораат прашања за контролата на производството, безбедноста на храната и разликите во лабораториските наоди на надлежните институции од двете земји.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk