Македонските граѓани немаат доверба во правосудниот систем, односно таа се сведува на речиси нула. Тоа го покажуваат резултатите на најновата анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) спроведена во мај годинава на 1.204 испитаници.
Според истата само еден отсто од граѓаните имаат целосна доверба во судскиот систем и во обвинителството.
Претходно довербата беше 4%, но трендот на опаѓање продолжил имајќи ги предвид последните случувања, начинот на кој се бираат судии, како застаруваат одредени предмети, како големи случаи се враќаат на повторно судење и како се добива впечаток кај граѓаните за селективноста.
Вкупно 18 отсто рекле дека имаат делумна доверба во судството, а 17 отсто во обвинителството, што значи дека над 80 проценти од населението не верува или има сомнеж дека можат да си ја истераат правдата низ институциите што се задолжени за тоа.
Исто така пад на довербата има кај речиси сите општествени фактори за кои ИРИ врши испитување – банките, образовните институции, медиумите, локалната самоуправа, власта, опозицијата, полицијата, невладините организации, парламентот итн.
Довербата кај Антикорупциската комисија, на пример, паднала од 5 на 2 отсто. Најголема доверба сѐ уште има во банките, на кои целосно им веруваат 11 отсто испитаници, а делумно 44 отсто.
Судството е област со најмала доверба.

За тоа кои се најсериозните проблеми со кои се соочува државата, на околу 25 отсто од испитаниците, прв или втор избор им биле сиромаштијата и растот на цените. Само пет проценти се изјасниле дека владеењето, односно невладеењето на правото е меѓу најжешките прашања во земјава.
Анкетата е спроведена во име на Центарот за анкетни истражувања од Брима, фирма за истражување на пазарот (членка на групацијата КАНТАР). Податоците се пондерирани според возраста, полот, регионот, населеното урбано/рурално место и етничката припадност. Маргината на грешка за целиот примерок не е над ± 2.8 поени со ниво на доверба од 95%. Стапката на одговор е 74%.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата