Доктор од Тетово издал медицински извештаи за пет лица дека се здобиле со повреди во сообраќајна несреќа во која, според судската пресуда, воопшто не учествувале. Случајот е дел од шемата со лажни сообраќајни незгоди преку кои се правеле обиди за наплата на отштета од осигурителни компании. Најновата пресуда со признание на вина покажува дека ваквите измами во Тетово не стивнуваат и по две години откако случаите почнаа да излегуваат на виделина.
Основниот суд Тетово прогласи за виновни шестмина измамници од овој град зашто довеле во заблуда полицајци и доктор во болницата во Тетово – им се појавиле лажејќи дека се повредени во сообраќајка, па дури добиле и медицински извештај за „телесните повреди“ од доктор во болницата, се со цел да ја приложат таквата лажна медицинска документација пред осигурителни компании и да земат отштета.
Од шесте лица што се осудени за измама, сообраќајка имал само првиот, а петмина по негов налог лажеле дека и тие биле во возилото, открива пресудата. Првообвинетиот ги „учел“ да одат во болница и во полиција и да глумат повредени.
Виновни се зашто со намера за себе да прибават противправна имотна корист со лажно прикажување факти, ги довеле во заблуда полициските службеници во СВР Тетово и дежурниот лекар во Клиничка болница Тетово. Тоа го сториле на начин што по претходно добиени совети и напатствија од првообвинетиот, се пријавиле на преглед во ургентен центар во ЈЗУ Клиничка болница Тетово поради наводни телесни повреди настанати во сообраќајка случена истиот ден, во која учествувал само првообвинетиот. Потоа од страна на дежурниот лекар им биле издадени медицински извештаи кои имале намера да ги искористат пред осигурителните компании, за надомест на нематеријална штета, пишува во пресудата.
Секој од осудените треба да плати по 300 евра.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата