logo
logo
logo

НЕ МОЖЕ ДА Е ОД ХРАНАТА: Нема прогласување на епидемија во Гостивар сè додека не се утврди причината

Vecer | 18.07.2026

НЕ МОЖЕ ДА Е ОД ХРАНАТА: Нема прогласување на епидемија во Гостивар сè додека не се утврди причината

Прогласување епидемија во Гостивар засега нема да има, сè додека не се утврди што е причината за зголемениот број граѓани кои во изминатите денови се јавуваат со стомачни тегоби, изјави министерот за здравство Сашо Клековски по посетата на Општата болница во Гостивар.

Тој информираше дека бројот на пациенти кои бараат лекарска помош останува речиси ист како и претходните денови, без значително зголемување или намалување.

– Првите пациенти се јавија во ноќта на 13 јули и од тогаш бројката е прилично константна. Над 200 граѓани дневно се јавуваат во болницата за интервенција. Во последните 24 часа имало 100 побарани интервенции на педијатрија и 160 на инфективното одделение – рече Клековски.

Според него, клиничката слика кај пациентите е слична. Најчесто станува збор за благи стомачни проблеми, дијареја и повраќање, а кај дел од заболени има и покачена температура.

Најголем дел од пациентите, како што посочи министерот, се третираат поради дехидратација, со примена на инфузија, витамини и друга симптоматска терапија, по што се пуштаат на домашно лекување.

Клековски по разговорите со раководството на гостиварската болница оцени дека медицинскиот персонал успешно се справува со состојбата и дека има доволно лекови и медицински материјали за третман на пациентите.

Тој упати апел до граѓаните да соработуваат со епидемиолошките служби и да ги пополнуваат анкетите, бидејќи тие се клучни за откривање на можниот извор на заразата.

– Од вчера се земаат копрокултури и се прават сите неопходни лабораториски анализи. Проширена е можноста да се бараат траги од адено и рота вируси. Вклучени се повеќе институции и се прават повеќе видови истраги – од можност за тешки метали, паразити, вируси и бактерии. Ни требаат многу повеќе епидемиолошки анкети за да го најдеме причинителот и да ги поврземе можните извори – изјави Клековски.

Во однос на изјавите дека храната би можела да биде причина за заболувањата, а не водата, министерот посочи дека конечниот збор треба да го имаат епидемиолозите.

– Ниту јас, ниту директорот на јавно претпријатие можеме да кажеме кој е причинителот. За тоа постојат епидемиолозите, Центарот за јавно здравје и Институтот за јавно здравје. Треба да ја очекуваме нивната оценка – рече Клековски.

Тој додаде дека според неговото лично мислење, можноста толкав број луѓе да се затрујат од ист вид храна е помалку веројатна, особено затоа што симптомите траат веќе неколку дена.

– За мене, логички, храната е помалку веројатен извор, но тоа мора да го потврдат анализите – додаде министерот.

Клековски очекува дополнителни резултати од анализите на водата од гостиварскиот водовод да бидат достапни од понеделник, по што ќе може да се има појасна слика за причините за заболувањата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk