Најголема желба на Македонија е евроинтегративниот процес и полноправното членство во Европската Унија да се цртаат врз основа на реални заслуги и реформи, а не да бидат заробени и оптоварени од историските спорови и минатото, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
На заедничката прес-конференција по министерскиот состанок за Коридорот 8 во Софија, одговарајќи на новинарски прашања по средбата со бугарската колешка Велислава Петрова-Чамова, Муцунски истакна дека земјата е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и со резулатите се докажала како исклучителен кандидат.
Потсетувајќи на неодамнешните пофалби од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за успешната работа на реформската агенда со поддршка од еврокомесарката Марта Кос, шефот на македонската дипломатија нагласи дека токму овие постигнувања треба да бидат основен критериум за оценување.
– Ние ќе го направиме нашиот дел. Ќе бидеме одговорни, ќе бидеме проактивни во изнаоѓањето решенија за прашањата, но решението никогаш не зависи исклучиво од нашата страна, дециден беше Муцунски, потсетувајќи дека проширувањето е политичка одлука на земјите членки.
Тој порача дека Македонија и натаму во целост ќе се води од добрата волја и строго почитување на меѓународното јавно право во сите регионални и европски односи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата