Скршени заби и повреди на главата

КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ 5 МАЛОЛЕТНИЦИ - Претепале дете (13) во Влае

Vecer | 12.11.2026

КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ 5 МАЛОЛЕТНИЦИ - Претепале дете (13) во Влае
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

СВР Скопје ќе поднесе кривична пријава против пет малолетници од Скопје поради сомнение за кривичното дело „насилство“, по член 386 од Кривичниот законик, во врска со случајот со претепувањето на 13-годишното момче во скопската населба Влае, дознава „Скопје1“.

Од полицијата за нашата редакција потврдуваат дека кривичната пријава ќе биде поднесена по целосното документирање на случајот.

„СВР Скопје по целосно документирање на случајот ќе поднесе кривична пријава против пет малолетни лица од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ‘насилство’“, информираат од МВР.

Според сведоштвото на мајката, нападот се случил на 18 октомври на плоштадот „Делфина“ во Влае, каде што нејзиниот син бил нападнат од група постари малолетници.

Таа раскажа дека момчето најпрво било турнато во круг, а потоа повеќе деца почнале да го удираат и да го туркаат од еден кон друг.

„Едно од децата му пристапило со зборовите: ‘Е, овој може’. Го турнало во еден круг, му удрило шлаканица, а кога син ми се обидел да се тргне, налетале останатите. Почнале да си го подаваат како да е топка, да го фрлаат од еден крај на друг“, сведочеше мајката.

Таа тврдеше дека при нападот бил употребен и метален боксирач, а најголем дел од ударите биле насочени кон главата на детето.

Момчето првично се обидело да ги сокрие повредите од родителите, тврдејќи дека паднало во автобус. Дури по разговор со негов другар, мајката дознала дека било физички нападнато.

Мајката предупреди и на сериозните психолошки последици што нападот ги оставил врз нејзиниот син, кој се плашел повторно да излезе надвор.

Претходно, од МВР потврдија дека на 18 октомври 39-годишна жена пријавила физички напад врз нејзиниот малолетен син од група малолетници, при што бил употребен тврд предмет.

Со најновото известување, полицијата соопштува дека кривична пријава ќе биде поднесена против пет малолетни лица. Засега не се соопштени дополнителни детали за нивната поединечна улога во нападот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk