Полициските службеници Мартин Арсовски и Дарко Милошевски од Пробиштип, кои се меѓу обвинетите во судскиот процес за катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, биле испратени на терен во Кочани без претходно да бидат запознаени со конкретните задачи и без информации дека ќе учествуваат во контрола на самиот објект – сведочеше денеска Драган Василески, виш инспектор за економски криминалитет во ОВР Пробиштип.
Пред судот, Василески појасни дека на 14 март 2025 година добил усна наредба од тогашниот началник да предложи двајца инспектори за службени активности во Кочани, но ниту тој ниту самите обвинети не знаеле каков е планот, ниту пак учествувале во неговата подготовка.
Според сведочењето, инспекторите добиле инструкција во вечерните часови да се јават на одредена бензинска пумпа каде што биле пречекани од колеги од ОВР Кочани, без притоа да бидат во униформа или информирани за какви било ризици. Полицајците најпрво биле распоредени на други локации, а дури околу 2:30 часот по полноќ влегло во „Пулс“ со задача да извршат проверка на лице осомничено за поседувања дрога.
Тие ја извршиле контролата во близина на тоалетите, по што забележале како гостите масовно почнуваат да го напуштаат објектот поради настанатата паника и метеж. Судењето, кое се однесува на трагедијата од 16 март 2025 година кога во пожарот животот го загубија 63 лица, обележа и емотивни мигови во паузата кога Александар Наунов, во име на родителите на загинатите деца, остро ја критикуваше праксата на неодговорност и неорганизираност во полициските редови, прашувајќи дали подобра координација и обезбеден коридор за евакуација можеле да спасат човечки животи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата