Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) започнува со спроведување вонреден надзор на целата територија на државата со цел утврдување на присуството на вирусот на западнонилската треска. Со надзорот ќе бидат опфатени некомерцијални одгледувалишта на живина во дворовите и селските стопанства, како и птиците што се чуваат во кафези, оградени простори или одгледувалишта за водени птици.
Во рамки на овие активности ќе се врши засилено земање примероци од крв за лабораториско тестирање кај домашната живина, како кокошки, мисирки, бисерки, фазани, еребици, потполошки и ноеви. Тестирањето ќе се спроведува и кај дивите и водните птици, меѓу кои гуски, пајки, лебеди, штркови, чапји, соколи, галеби, страчки, бувови, корморани и јастреби.
Од АХВ информираат дека пасивниот надзор се одвива преку целата година, а сите концесионери на ловишта, ловни друштва, зоолошки градини и управувачи со национални паркови се должни да го пријават отстрелот на диви птици и секој пронајден угинат примерок. Одгледувачите на живина се апелираат да ги почитуваат мерките за биосигурност, да го ограничат контактот меѓу домашните и дивите птици и задолжително да пријават секоја невообичаена или зголемена смртност.
По повод пристигнатите над 100 пријави од граѓани во периодот од 24 до 27 август, од Агенцијата апелираат за претпазливост, но и да не се создава непотребна паника при појава на поединечни угинати птици во урбаните средини. Пријава и посебно внимание се потребни доколку на исто подрачје и во краток временски период се забележи масовна смртност кај диви преселни птици или гаврани. По пријавата, службениците во соработка со комуналните претпријатија вршат нештетно отстранување на птиците, дезинфекција на теренот и преземаат мостри од погодните примероци, со напомена дека помалите птици, како врапчињата, не се соодветен материјал за испитување на овој вирус.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата