На денот на летната долгодневица, рано утрово министерот за култура и туризам Зоран Љутков присуствуваше на археолошкиот локалитет Кокино, каде што го следеше изгрејсонцето – редок природен и астрономски феномен што со векови го привлекува вниманието на научниците, истражувачите и посетителите.
Локалитетот Кокино, стар околу четири милениуми, претставува едно од најзначајните археолошки и археоастрономски наоѓалишта во Македонија. Токму овде древните жители внимателно ги следеле движењата на Сонцето и небесните тела, оставајќи сведоштва за нивното извонредно познавање на природните циклуси и нивната улога во секојдневниот живот и духовната култура.
- Посетата е дел од активностите на Министерството за култура и туризам насочени кон афирмација и промоција на културното наследство, како и кон подготовките за одбележување на значајниот јубилеј – 25 години од откривањето на Кокино, кој ќе биде одбележан во 2026 година со повеќе научни, културни и промотивни настани. Министерството за култура и туризам останува посветено на зачувувањето, валоризацијата и промоцијата на културното наследство како темелна вредност на националниот идентитет и значаен потенцијал за развој на културниот туризам, велат од ресорното Министерство.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата