МВР досега повикало 13 лица на информативен разговор поради ширење лажни информации на социјалните мрежи дека водата за пиење во Скопје е загадена.
Од Министерството информираат дека со сите лица бил извршен службен разговор, а тие се изјасниле дека информациите ги објавиле или споделиле откако претходно виделе слична објава на социјалните мрежи или слушнале од друго лице.
Ниту едно од повиканите лица, според МВР, не посочило конкретен, потврден или веродостоен извор кој би ги поткрепил тврдењата дека скопската вода е загадена.
„Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика ќе продолжи со прибирање и анализа на податоци со цел да се потврдат сите околности поврзани со настанот, како и начинот на кој информациите се појавиле и понатаму се ширеле во интернет-просторот“, соопшти МВР.
Станува збор за информациите што изминатите денови масовно се ширеа на социјалните мрежи, во кои се тврдеше дека во водата во Скопје е пронајдена ешерихија коли и дека на Инфективната клиника веќе имало случаи поврзани со наводната контаминација.
Овие тврдења беа демантирани од надлежните институции. ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје објави дека во дневниот мониторинг сите испитани примероци од водоснабдителниот систем ги исполнуваат барањата за безбедност и квалитет на водата за пиење.
Директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана, претходно изјави дека на Клиниката нема регистрирани ниту хоспитализирани пациенти поврзани со ваков настан.
МВР предупредува дека ширењето непроверени и неточни информации, особено кога се однесуваат на здравјето и безбедноста на граѓаните, може да предизвика неоправдана паника и вознемиреност.
Од Министерството апелираат граѓаните да не споделуваат информации чија точност не е проверена и да се информираат од официјални и релевантни извори.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата