Нови детали се појавуваат во истрагата за двете разбојништва со смртни последици во скопските населби Хром и Ѓорче Петров, во кои животот го загубија 62-годишен маж и 76-годишна жена.
Според неофицијалните информации, истражителите располагаат со снимки од надзорни камери, ДНК-траги и предмети пронајдени во автомобил за кои се испитува поврзаноста со случаите.
Првиот случај бил откриен на 22 октомври, кога во дом во Хром бил пронајден починат 62-годишен маж со траги на насилство. Вториот бил пријавен на 27 октомври, кога во својот дом во Ѓорче Петров била пронајдена мртва 76-годишна жена.
Според досегашните неофицијални сознанија, во едниот грабеж учествувале две лица, а во другиот три. Четвртиот осомничен, наводно, ги превезувал останатите со автомобил и тврдел дека не знаел за нивните намери. Во возилото, според истите информации, биле пронајдени јакна и други предмети што се поврзуваат со кривичните дела.
МВР потврди дека се приведени четири лица: А.С. (22), Х.Е. (20) и К.А. (58) од Скопје, како и М.Р. (26) од Струмица. За нив е побаран краткотраен притвор заради комплетирање на доказниот материјал.
Конкретните улоги на осомничените и информациите за доказите засега се неофицијални, а нивната евентуална вина треба да се утврди во судска постапка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата