Граѓаните и компаниите треба внимателно да ги испланираат своите плаќања предвидени за овој викенд. Денес и утре, на 7 и 8 ноември, се очекуваат привремени прекини и ограничувања на дел од банкарските услуги поради технички прилагодувања што ги спроведуваат банките.
Причината е воведувањето на нови стандарди во денарскиот платен промет, кои почнуваат да се применуваат од понеделник, 9 ноември, информира Македонската банкарска асоцијација.
Ограничувањата главно се однесуваат на платежните трансакции, а секоја банка посебно ги објавува точните термини и услугите што ќе бидат засегнати.
Од Стопанска банка Скопје соопштуваат дека налози преку електронското банкарство денес ќе може да се креираат само до 14 часот. По тој термин нема да биде возможно креирање налози ниту за тековен ниту за иден датум.
Ограничувањето ќе важи и утре, сè до повторно воспоставување на системот во понеделник.
Платежните картички, пак, ќе останат целосно функционални – клиентите непречено ќе можат да плаќаат на ПОС-терминали и да подигнуваат или уплаќаат готовина на банкомати.
НЛБ банка најавува ограничен пристап до интернет и мобилното банкарство од денес во 10 часот, па во текот на целиот викенд.
Во овој период целосно ќе бидат недостапни уплатите на банкомати, додека подигнувањето готовина ќе се одвива нормално. Картичките ќе може да се користат за плаќања во трговската мрежа и за интернет-трансакции.
Од понеделник почнува примената на новите платни налози, шифрите за цел на плаќање и користењето на платежни сметки во ИБАН-формат.
Постојните броеви на сметките остануваат непроменети, а банките автоматски ќе го приспособат нивното прикажување во електронското и мобилното банкарство.
Од Македонската банкарска асоцијација нагласуваат дека станува збор за однапред испланирани технички активности што се дел од процесот на модернизација на националниот платен промет и ги повикуваат граѓаните навреме да ги завршат планираните плаќања.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата