Раководството на „ЖРСМ Транспорт“ презема енергични, одговорни и сеопфатни мерки за конечно отстранување на децениските слабости во работењето, ставајќи силен фокус врз финансиската стабилизација, модернизацијата и целосната реформа на државниот железнички оператор!
По објавувањето на конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за 2024 година, од компанијата порачуваат дека во потполност ги прифаќаат сите насоки и препораки. Уште од јули 2024 година е започнат интензивен процес на оперативна консолидација, кој преку амбициозниот Акциски план 2026–2027 предвидува комплетно усогласување на сметководствената евиденција, строго управување со сите ресурси и воведување на модерни сметководствени стандарди (МСС 37) за заштита од финансиски ризици.
Во рамките на новата реформска политика, компанијата веќе постигна значајно рационализирање на трошоците со намалување на ангажираните лица преку договор на дело за дури 62 проценти, додека за обврските кон АД МЕПСО успешно е усогласена долгорочна динамика за одложена исплата до крајот на 2028 година. Покрај тоа, воведени се строги месечни контроли врз потрошувачката на гориво, енергија и редовното одржување на залихите.
Со цел обезбедување на непречен и стабилен превоз, „ЖРСМ Транспорт“ веќе обезбеди 11 целосно функционални локомотиви кои во потполност ги покриваат моменталните оперативни потреби на претпријатието, а во подготовка е и план за паралелна набавка на нови возила и рехабилитација на постојниот возен парк. Преку искористување на потенцијалите на Коридорот 10 и зајакнување на односите со домашните индустриски капацитети, компанијата чекори кон системско пренасочување на транспортот на шини и долгорочна финансиска одржливост.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата