Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Дебар присуствуваше на доделувањето на клучевите за новите 47 социјални станови, со што беше означено пуштањето во употреба на новиот станбен објект наменет за повеќе семејства.

Мицкоски им посака на корисниците на становите здравје, среќа и домовите да им бидат место за мир и сигурност, најавувајќи дека Владата ќе продолжи со инвестиции во вакви проекти.
-За мене претставува посебна чест и задоволство денеска во Дебар да имам можност симболично преку доделувањето на клучевите на едно семејство корисник на еден ваков стан, да го означиме пуштањето во употреба на овој станбен објект којшто ќе биде иднина на многу лица, на многу семејства коишто ќе го користат овој станбен објект- истакна премиерот.

Тој посочи дека Владата ќе продолжи во периодот што следи дополнително да инвестираме во вакви проекти.

Премиерот се заблагодари на директорот и тимот кој работел на реализацијата на проектот, на градоначалникот на Дебар, општинската администрација, Советот на Општината, како и на потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
- Ние како Влада се обврзавме дека ќе реализираме проекти за граѓаните. За жал, не можеме нешто што со децении било запоставувано да го решиме преку ноќ, но се трудиме, се трудиме да ги реализираме тие приоритети, да не создаваме нови проблеми, а дел од наследените предизвици веќе ги решаваме. Еден од тие предизвици е и овој објект, но и сите оние 22/23 проекти коишто ги спомна потпретседателот на Владата и министер за транспорт, коишто заедно со градоначалникот на општината ги работиме и ги решаваме овдека во Општина Дебар, истакна Мицкоски.

Премиерот рече дека во Дебар се реализираат повеќе инфраструктурни проекти, нагласувајќи дека низ државата во моментов има повеќе од 1.200 активни градилишта.
-Планираме и во следната година, нешто слично како Влада, со децентрализирање на средства од буџетот да финансираме проекти во општините, посочи Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата