logo
logo
logo

На виновниците им се закануваат најмалку 4 години затвор

30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА РАКОВОДИТЕЛИТЕ НА „КОМУНАЛЕЦ“ - ВО КАПТАЖАТА ВО ГОСТИВАР БИЛЕ ОТКРИЕНИ 39 КОЛИФОРМНИ БАКТЕРИИ

Vecer | 21.07.2026

30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА РАКОВОДИТЕЛИТЕ НА „КОМУНАЛЕЦ“ - ВО КАПТАЖАТА ВО ГОСТИВАР БИЛЕ ОТКРИЕНИ 39 КОЛИФОРМНИ БАКТЕРИИ

Основниот суд во Гостивар им определи 30-дневен притвор на тројцата осомничени во случајот со загадувањето на водата за пиење во Гостивар – Артана Асани, Леон Уредини и Вадедин Дервиши, кои се на раководни позиции во Јавното претпријатие „Комуналец“.

Одлуката ја донел судијата на претходна постапка Ќирко Михајлоски, откако Основното јавно обвинителство Гостивар доставило предлог за определување мерка притвор.

Портпаролката на Основниот суд Гостивар и судија во кривичниот оддел, Драгослава Веселинова, информираше дека судот го прифатил предлогот на обвинителството и донел решение за притвор со број КПП 237/26.

– Решенијата за притвор се доставени до осомничените, а мерката ќе ја издржуваат во КПУ Затвор Скопје – Скопје – изјави Веселинова.

Според судот, притворот е определен поради тежината на делото за кое се товарат осомничените, но и поради опасноста од бегство и можноста за влијание врз сведоци кои треба да бидат испитани во текот на истражната постапка.

– Основното јавно обвинителство Гостивар спроведе истражна постапка против осомничените Артана Асани, Леон Уредини и Вадедин Дервиши, поради сомнение дека сториле кривично дело тешки дела против животната средина и природата. Обвинителството предложи притвор поради запретената казна, која е најмалку четири години затвор, како и поради опасноста осомничените да влијаат врз сведоците или да се дадат во бегство – рече Веселинова.

Тројцата се сомничат дека со дејствија поврзани со системот за водоснабдување во Гостивар овозможиле мешање на загадена вода со водата од системот за пиење, по што водата во градот и околните населени места стана небезбедна за употреба.

Случајот беше отворен откако Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство препорачаа граѓаните да не ја користат водата од градскиот водовод за пиење, готвење и други намени поради утврдена загаденост.

На прес-конференцијата во Основниот суд во Гостивар присуствуваа и в.д. претседателот на судот Мирослав Петровски и судијата на претходна постапка Ќирко Михајлоски.

Надлежниот јавен обвинител Хазби Исеини појасни дека вчера е донесена наредба за истрага против трите лица, бидејќи постојат основани сомневања дека токму тие дале налози да се постават пумпите за да се зголеми притисокот во водоводниот систем за град Гостивар и за околните села.

– Ние се одлучивме против можните сторители, фактички осомничените сега, да донесеме наредба за истрага за тешки дела против животната средина и природата согласно член 234 став 2, а во врска со член 219 став 3 во врска со став 1, а делото сметаме дека е извршено во соизвршителство помеѓу тројцата. Во текот на истрагата, денеска е поднесен и предлог за определување мерка притвор за сите тројца за 30 дена, бидејќи сметаме дека во оваа фаза на постапката нема друг начин истите да се обезбедат – истакна обвинителот Хазби.

За ова квалифицирано кривично дело е предвидена казна затвор од најмалку четири години. Првичните дејствија во предистражната постапка ги презела дежурната јавна обвинителка Зура Селими, по пријава од граѓани на 16 јули 2026 година. На лице место било утврдено дека во близина на преливната комора биле поставени три пумпи, од кои две биле во функција, кои внесувале непреработена вода од надворешен канал директно во системот за пиење.

– На 16.7.2026 година од страна на МВР, ОВР Гостивар, ПС Гостивар, како дежурен јавен обвинител бев известена дека од страна на загрижени граѓани е пријавен настан дека во село Вруток, во водоводниот систем се пренесува вода однадвор, со што се загадува водата во водоводниот систем со кој се снабдува целиот град. Утврдено е дека пумпите се во функција и во моментот на извршување на увидот со истите пумпи се извршува внесување на вода од каналот со непреработена вода внатре во водоводната преливна комора – посочи Селими.

Според доказите на Обвинителството, пумпите за првпат биле поставени на 24 јуни, а ден подоцна биле правени проби. Анализите покажале присуство на фекални бактерии во водата, како и зголемено ниво на хлор кај крајните корисници, односно 1,1 милиграм на литар, при дозволени 0,2 до 0,5 милиграми на литар. Во водата земена од внатрешноста на каптажата биле детектирани 39 колиформни бактерии, иако според стандардите граничната вредност треба да бидат нула.

На брифингот беше нагласено дека истрагата е во почетна фаза и ќе служи за да се утврди целосната вистина, вклучително и евентуалното поврзување на загадената вода со епидемијата и зголемениот број заболени граѓани.

– Во согласност со тоа што ќе го добиеме од сите институции, доколку биде утврдена каква било одговорност кај институциите, и кон нив ќе се прошири истрагата. Нормално е дека ние веќе имавме комуникација со болницата за состојбата. Доколку во кој било случај, кај кого било се јави каков било сомнеж, истиот сторител на кривични дела ќе биде опфатен со проширување на истрагата – беше посочено на брифингот.

На новинарско прашање за каков канал станува збор и дали во него се слева канализација, јавните обвинители појаснија дека не се работи за канализациски канал. Во однос на тоа колку долго функционирале пумпите и дали тие работеле континуирано дваесетина дена, од Обвинителството посочија дека тоа допрва прецизно ќе се утврдува, но има докази за нивно поставување кон крајот на јуни.

– Од тоа што досега го имаме како доказ, за првпат се поставени некаде на 24 јуни овие пумпи и на 25 јуни биле правени проби за нивото на притисокот на ист ваков начин. Очигледно е, не можеме со сигурност да тврдиме, но имаме основано сомневање дека биле во функција – посочи надлежниот јавен обвинител.

Прашан дали се истражува одговорноста на директорот на болницата кој со денови не ги известувал надлежните институции и покрај тоа што дневно се примале стотици пациенти со исти симптоми, од Обвинителството потенцираа дека истрагата нема да поштеди никого доколку се утврди вина.

– Се обидувам да го сфатам ова повеќе како забелешка за работата на директорот отколку како прашање, но на делот од прашањето ќе одговорам дека доколку се утврди одговорноста и кај него, истиот ќе биде опфатен. Значи, истрагата ќе ги опфати сите. Нормално е дека ние веќе имавме комуникација со болницата за состојбата – рече Исеини.

Истражната постапка против тројцата осомничени продолжува.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk