ШТО ЌЕ ВРЕДАТ СПОМЕНИЦИТЕ АКО НЕМА ДЕТСКИ РАЦЕ ЗА ДА ПОЛОЖАТ ВЕНЕЦ, силна порака од Милошоски

Vecer | 02.08.2026

ШТО ЌЕ ВРЕДАТ СПОМЕНИЦИТЕ АКО НЕМА ДЕТСКИ РАЦЕ ЗА ДА ПОЛОЖАТ ВЕНЕЦ, силна порака од Милошоски
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Демографијата е нашата нова борба за Македонија и прашање од кое зависи нашиот национален опстанок, порача потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, во своето празнично обраќање по повод 2 Август – Илинден.

Милошоски истакна дека современиот патриотизам не се мери само со историјата и спомениците, туку со одговорноста да се создаваат семејства и да се градат услови младите да останат и да се враќаат во татковината.

„Што ќе вредат спомениците, ако нема детски раце што ќе положат венец пред жртвата на Илинденците? Колку ќе вреди македонскиот јазик, ако нема кој да го говори и да им го пренесе на своите внуци? Ќе вредат ли училиштата, ако во нив нема детски џагор? Нашето востание не се пушката и Црешовото топче, туку одговорноста да се создаде семејство и да се воспитуваат одговорни поколенија. Демографијата е нашата нова борба за Македонија. Демографијата не е само статистика. Демографијата е бебешкиот плач и родителските солзи радосници“, истакна Милошоски.

Тој додаде дека инвестициите во инфраструктурата и економијата имаат смисла само доколку има млади за кои тие се градат.

„Можеме да градиме спортски сали, градинки и училишта. Може да создадеме раст и нови инвестициски проекти. Но, сето тоа има смисла само ако има млади на кои ќе го оставиме. Затоа грижата за семејството, особено за мајките и за децата, не смее да биде тема на еден мандат, на една влада или на една партија. Демографијата е тема што треба да нè обедини. Саможртвата на Питу Гули ни дава јасна обврска – да не бидеме генерацијата што наследила држава, а оставила празни домови и празни училишта. Питу Гули беше сопруг и татко на четири деца, кој загина бранејќи го токму она што му беше најсвето – семејството и неговата татковина Македонија“, нагласи потпретседателот на Собранието.

Во завршниот дел од своето обраќање, Милошоски упати порака и до младите и до иселениците ширум светот:

„Нашата задача не е да ги убедуваме младите да живеат во историските спомени. Нашата задача е да им оставиме држава во која ќе можат да ги создаваат своите спомени. Земја што ќе ја чувствуваат какa своја, во која ќе можат да основаат семејства и да ги растат своите деца. А оние што веќе заминале во странство – да имаат повеќе причини еден ден да се вратат. Убаво е Македонија да биде местото од кое потекнуваме. Но, уште поубаво е татковината да биде и местото кон кое заеднички се враќаме“, заклучи Милошоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk