Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува со, како што наведуваат од партијата, конкретни мерки за модернизација и зајакнување на здравствениот систем, со фокус на медицинскиот кадар, примарната здравствена заштита, инфраструктурата и достапноста на терапијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека со рекорден буџет од над една милијарда евра за здравството се обезбедува најсилна финансиска поддршка досега, при што средствата се насочени кон нов медицински кадар, подобрување на здравствените услуги, инфраструктура и медицинска опрема.
Како особено значајна мерка ја издвојуваат одлуката до крајот на 2026 година да бидат вработени уште 300 приватни специјализанти. Според партијата, со тоа ќе се зголеми бројот на специјалисти во јавните здравствени установи, ќе се обезбедат подобри услови за младите лекари и ќе се унапреди здравствената услуга за граѓаните.
Во насока на зајакнување на примарната здравствена заштита, капитацискиот бод за матичните лекари по општа медицина и гинекологија е зголемен од 75 на 100 денари, односно за 33 отсто. Кај матичните стоматолози, капитацискиот бод е зголемен од 61 на 75 денари.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека зголемувањето создава подобри услови за работа на матичните лекари и простор за отворање нови ординации, со што дополнително се зајакнува примарната здравствена заштита.
Паралелно со кадровското и финансиското зајакнување, проширена е и позитивната листа на лекови. На неа се додадени девет нови генерички лекови наменети за кардиоваскуларни заболувања, депресија и деменција, како и три антикоагулантни лекови – Еноксапарин, Надропарин и Ривароксабан.
Според партијата, проширувањето на листата овозможува поголем избор на терапии за пациентите и намалување на нивниот финансиски товар, бидејќи лековите се обезбедуваат на товар на Фондот за здравствено осигурување.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека клучните показатели за досегашните политики се над една милијарда евра буџет за здравство, 300 нови приватни специјализанти, зголемени капитациски бодови и проширена позитивна листа на лекови.
Партијата најавува дека Владата ќе продолжи со кадровско и финансиско зајакнување на здравствениот систем, со цел, како што наведуваат, да се обезбеди посилно, помодерно и подостапно здравство за сите граѓани.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата