Премиерот Христијан Мицкоски најави засилена градежна активност, најавувајќи изградба на шест автопатски делници низ државата во претстојниот период. Рече дека во Македонија денес на повеќе од 1.200 места се гради и оти за Владата тоа е многу значајано затоа што се ангажира домашната оператива, што е сериозен индикатор за подобра економска актовност, а воедно се решаваат и децениски проблеми и им се обезбедува поквалитетен живот на граѓаните.
Кон крајот на овој месец, веројатно на 26 август, посочи Мицкоски, ќе почне изградбата на автопатската делница Блаце – Скопје, за која, рече, завршени се сите формални процедури.
– Конечно, за овој децениски проект којшто беше најавуван, имаме изведувач, тоа е домашна компанија, имаме надзор, сите услови се исполнети за да отпочне градбата на овој автопат. Во септември очекувам да почне уште еден автопат за делница, тоа е Букојчани – Кичево, и со засилена динамика да го привршуваме автопатот Кичево – Охрид. Очекувам делницата од Извор до Врбјани да биде пуштена во втората половина на октомври, а целокупната делница да биде во првиот квартал од следната 2027 година – изјави Мицкоски по увидот во градежните активности од првата фаза од изградбата на фекална канализација во Идризово во општина Гази Баба.
Претседателот на Владата посочи и дека со засилена динамика продолжуваат градежните актиовности на трите делници од Коридорот 8 и Коридорот 10д – Прилеп – Битола, Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани.
– Сè на сè, отприлика шест автопатски делници ќе се градат и тоа е исто така голема, засилена градежна активност. Кога на тоа ќе се додадат и пругата, секција 2, којашто практично е дел од Коридорот 8 (источно крило), и секција 3 за којашто очекувам наскоро да биде објавен јавниот повик, бидејќи сите административни предизвици се надминати, тоа значи дека ќе имаме навистина интензивна градба. И ако биде сè како што треба, завршување на физибилити-студијата и на почетокот на следната година отпочнување на Коридорот 10, доколку, се разбира, сите предизвици коишто ги имаме бидат решени. Очекувам да нема пречка да се реши – истакна премиерот.
Како што рече, во Македонија денес на повеќе од 1.200 места се гради и оти за Владата тоа е многу значајано не само затоа што се ангажира домашната оператва и претставува сериозен индикатор за подобра економска актовност туку, рече, „овозможуваме да покажеме и докажеме дека децениски проблеми можело да се решат“, а граѓаните со сите овие проекти ќе имаат поквалитетен живот.
- Она што за мене е, исто така, важно како претседател на Владата е фактот дека економската активност предизвикува и добри економски резултати. И во периодот којшто следува очекувам сè позасилена ваква активност, посебно во делот на градежништвото, кое претставува еден од двигателите и носителите на економската активност во Македонија. Не можеме сè да решиме — нешто што со децении било запоставивано и нерешавано, но ветуваме дека сè она коешто можеме да го решиме, па дури и ќе се потрудиме и повеќе од тоа, да го испорачаме – додаде Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата