logo
logo
logo

ПРОМОВИРАН ПОРТАЛОТ Е-НАУКА, има 229 истражувачи од Македонија

Vecer | 25.08.2026

ПРОМОВИРАН ПОРТАЛОТ Е-НАУКА, има 229 истражувачи од Македонија

Министерството за образование и наука денеска го промовира порталот „Е‑наука“ (e-nauka.mon.gov.mk) – единствена национална електронска база на податоци за сите истражувачи во земјата што вршат научноистражувачка работа.

Министерката Весна Јаневска изјави дека идејата е да се поттикне и да се направи видлива научната мисла, таа да се поврзе со бизнис-секторот затоа што за економски развој заснован на знаење, треба да бидат поддржани истражувачките и иновативните потенцијали што ги поседуваме.

Порталот е база на податоци и ги покажува истражувачите, научноистражувачките организации, како и статистиките и индикаторите за истражувачите. Тој е поврзан и со глобалните бази на истражувачки резултати Web of Science, Scopus и Google Scholar, со што овозможува прикажување индикатори, резултати, цитираност и Хиршов индекс (h-index).

– „Е-наука“ отвора нови можности за секој истражувач. Ги охрабрувам сите истражувачи од државните и од приватните универзитети и високообразовни установи, од јавните и од приватните научни установи, научни институти и од МАНУ, како и самостојните истражувачи што работат во Македонија, но и истражувачите со македонско потекло кои работат на странски универзитети, да пополнат апликација и да влезат во електронскиот регистар „Е-наука“. Тој е транспарентна и сеопфатна алатка за откривање на нивната работа на домашната и меѓународната научна сцена – рече Јаневска на прес-конференцијата.

Регистрирањето на порталот го поедноставува поврзувањето со индустријата. Преку напредни пребарувања бизнисите сега може да идентификуваат кој научник или истражувач се занимава со областа што им е од интерес, а тоа поттикнува нови партнерства, го претвора знаењето во економска вредност и ги забрзува иновациите.

И јавниот сектор, сите институции, агенции и фондови, посочи Јаневска, добиваат транспарентен преглед на нашиот национален истражувачки капацитет, можност за контакти и за носење одлуки засновани на научни докази.

Порталот е достапен и за меѓународните универзитети, глобалните истражувачки конзорциуми и мултинационалните центри за истражување и развој, што создава шанси за повеќе заеднички апликации за грантови, коавторства на трудови со големо влијание и зајакнување на позицијата на нашите научници во глобални рамки.

– Ги повикуваме алумните на нашите универзитети, кои работат на видни универзитети во странство и во видни приватни компании, исто така да се регистрираат за да се направи една убава мрежа, која ќе доведе до иновации во земјата. Иновацијата обезбедува економски напредок на земјата – истакна Јаневска.

Досега на порталот се регистрирале 229 истражувачи и за секој од нив се прикажани формалното образование, вработувањето, научното звање, установата или факултетот каде што работи, научното поле каде што истражува, односно научноистражувачка идентификација, како и индикатори и резултати од застапеност во трите глобални научни бази – Scopus, Web of Science и Google Schoolar.

Засега регистрирањето, т.е. вмрежувањето на научниците во оваа база, е на доброволна основа, но како што ќе се развива, Јаневска очекува да стане и задолжително.

– Првенствено затоа што ќе го сфатат бенефитот, но ако тешко оди процесот, ние ќе ги потсетуваме дека треба тоа да го направат – додаде министерката.

Во оваа пригода таа истакна дека МОН во изминатите две години континуирано го зголемува буџетот за научноистражувачка дејност.

– Тргнавме од затекнатите 380 милиони денари во 2024, во 2025 одвоивме 680 милиони денари, а годинава 773 милиони денари за наука. Во тек на реализација се научноистражувачки проекти од национален интерес вредни над 370 милиони денари, а за кадарот на факултетите и научните установи е обезбеден бесплатен пристап до базите Web of science и Scopus – посочи Јаневска.

На новинарско прашање таа одговори дека и натаму ќе продолжат контролите на работењето на високообразовните установи и на научните институти потсетувајќи дека досега се затворени 18 поради неправилности.

– Тие 18 де факто и не биле научни институти, затоа ги затворивме. Но, откако Агенцијата за квалитет во високото образование почна да работи евалуации, ние веќе затвораме одредени програми на одредени факултети. Па на еден факултет имаме затворено 12 (студиски) програми, на друг две програми, на некој трет факултет имаме затворено една или три програми, така што полека и факултетите, универзитетите, се подготвуваат на новото законско решение, кое навистина би требало да обезбеди подобар квалитет и во високото образование и во научната работа затоа што ако една институција се вика научен институт, треба да се занимава со научна работа – рече министерката за образование и наука.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk