Во меѓународна полициска акција спроведена во албанскиот град Драч, уапсени се двајца припадници на организираната криминална група „Беланоца“, по кои беа распишани меѓународни потерници од Интерпол.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека акцијата е реализирана врз основа на информации обезбедени од Македонската полиција, во соработка со Американската дипломатска безбедносна служба (DSS) и безбедносните органи на Албанија.
При акцијата биле лишени од слобода М.Џ. (26), роден во Скопје, и С.Н. (34), роден во Норвешка. Двајцата се осомничени како припадници на криминалната група „Беланоца“ и по нив биле распишани меѓународни потерници за повеќе тешки кривични дела.
Според МВР, тие се барале за убиство, обид за убиство, тешка телесна повреда, недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, како и за злосторничко здружување.
При апсењето кај двајцата биле пронајдени фалсификувани лични документи. Постојат сомневања дека токму со тие документи ја напуштиле Македонија и се обидувале да ја избегнат правдата.
Од МВР посочуваат дека оваа акција е резултат на повеќемесечна меѓународна соработка меѓу Македонската полиција, Американската дипломатска безбедносна служба (DSS) и албанските безбедносни институции.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата