Скопје добива нова автобуска линија во јавниот превоз. Станува збор за линијата со број 37, која ќе сообраќа од населбата Радишани до Карпош, информираше претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитровски.
Новата траса е дизајнирана за првпат да го искористи булеварот „Словенечка“, овозможувајќи им на жителите од Бутел и Радишани директно поврзување со средните училишта во Карпош, како и со трговскиот центар „Скопје Сити Мол“. Проектот се реализира во координација меѓу Градот Скопје и Општина Бутел.
Според најавите, линијата започнува со тест-период со промотивен капацитет во текот на летово, со цел патниците навреме да се запознаат со распоредот на возење, додека од 1 септември 37-цата ќе започне да сообраќа со целосен капацитет и редовен возен ред.
Димитровски истакна дека враќањето на овој препознатлив број претставува спој меѓу скопската традиција и современите потреби за градење поквалитетна сообраќајна мрежа во градот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата